Emre Aytekin
09 Февруари 2020•Ажурирај: 12 Февруари 2020
ТОКИО (АА) - Властите на Јапонија во вселената лансираа оптички извидувачки сателит што ќе служи во военоразузнавачките активности, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Сателитот е лансиран од базата „Танегашима“ и успешно го зазеде планираното место во орбитата.
Новинската агенција „Кјодо“ јавува дека сателитот е лансиран со помош на ракетата H2A, развиена од страна на Јапонската вселенска агенција (JAXA) и компанијата „Мицубиши“ (Mitsubishi).
Истиот извор јавува дека тоа е 35. успешно лансирање со помош на таа ракета.
Денешното лансирање првобитно е планирано за 28 јануари, но е пролонгирано поради воочениот технички дефект на ракетата.
Јапонија во орбитата има вкупно седум военоразузнавачки сателити, вклучувајќи пет радари и два оптички сателита.
Последниот лансиран оптички сателит ќе ги надгледува активностите на ракетните постројки во Северна Кореја.