Dzihat Aliju
27 Јануари 2018•Ажурирај: 28 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Учениците и нивните родители се одлучни да продолжат со бојкотот на наставата на турски јазик во Општинско стручно училиште ОСУ „Мирко Милевски“ во Кичево, јавува Anadolu Agency (AA).
Изминатиот понеделник, со започнувањето на второто полугодие од учебната година, поради тоа што наставниците не ја земаат платата во потполност и барањето за изнаоѓање решение за проблемот со превозот, учениците и нивните родители ја бојкотираат наставата, истакнувајќи дека бојкотот ќе продолжи сѐ додека не се изнајде решение за проблемите.
Во врска со проблемот, претседателот на Турската партија на движење (ТХП) и пратеник во македонскиот парламент, Енес Ибрахим, за Anadolu Agency (AA) изјави дека турските наставници во Кичево години наназад не примаат цела плата.
Пратеникот Ибрахим истакна дека овој проблем постои од самиот почеток на изведувањето на наставата на турски јазик во овој град, што започна пред околу 10 години, додавајќи дека спроведуваат некои активности со цел изнаоѓање на решение за овој проблем на наставниците.
Според Ибрахим, немањето решение за проблемот потекнува од немањето комуникација меѓу институциите.
„Откако се смени власта, успеавме да дојдеме до точни информации и податоци за решавање на проблемот”, наведе пратеникот Ибрахим.
Според Ибрахим, главната причина поради која турските наставници во кичевското средно училиште не земаат плата е што постојат државни службеници кои се вработени како наставници, но не одат на настава.
Пратеникот Ибрахим наведе дека постои и проблем со превозот на учениците од околните села кои во училиште доаѓаат со автобуси кои се многу стари.
„Постојат два различни проблеми, и превозот на учениците и платите на наставниците. Всушност најголем проблем е што наставниците не можат да ја добијат својата плата. Учениците и нивните родители застанаа покрај турските наставници, став за кој треба да им се честита. Постои сериозна солидарност меѓу Турците во Кичево, што е поврзан со проблемот во образованието.”
Пратеникот Ибрахим потсети дека Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во изминатиот период изградила дополнителен објект за училиштето, додавајќи дека тогашниот претседател на општината ветил дека на училиштето ќе се вика Мехмет Акиф Ерсој, но досега тоа не е спроведено.
Ибрахим наведе дека се очекува во наредниот период да дојде до зголемување на бројот на ученици во средното училиште, што би овозможило гимназискиот објект под име Мехмет Акиф Ерсој да биде самостоен.
Пратеникот Ибрахим додаде дека и министерот без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за страски инвестиции Аднан Ќахил и партијата ТХП продолжуваат да се состануваат со релевантните институции.
„Во таа насока, во неделата што следува, ќе се состанеме со претседателот на општината и се надеваме дека ќе изнајдеме решение, бидејќи се бориме за еден исправен процес. Затоа, со сигурност проблемот на турските наставници во тоа училиште ќе биде решен”, изјави претеникот Ибрахим.
Пратеникот Ибрахим додаде дека успешното решавање на проблемот, ќе овозможи во најкусо време во Кичево да продолжи наставата на турски јазик.
Елмедин Карарешит, наставникот по географија во Општинско стручно училиште наведе дека на наставниците не им се исплаќаат часовите од наставата во IV година од општата гимназија и часовите од II и III година од одделот за електротехника.
Наставата во одделот за електротехника на мекедонски јазик е четиригодишна, додека на турски јазик овој оддел е тригодишен. Доколку наставата на турски јазик, од тригодишна премине во четиригодишна, тогаш во гимназијата ќе има 8 одделенија кои учат на турски јазик.
Наставникот Карарешит истакна дека според Законот за образование, доколку постојат 8 одделенија на друг јазик, тогаш за тој јазик е потребно да се обезбедат стручни лица, како што се позициите помошник директор, педагог, додавајќи дека тие права им се одземени на турските ученици.
Карарешит рече дека проблемот со транспорт на ученици е проследен до надлежните органи и додаде дека учениците и родителите ќе продолжат со бојкотот сѐ додека не се изнајде решение за проблемот.