Miki Trajkovski
24 Ноември 2016•Ажурирај: 25 Ноември 2016
СТРУГА (АА) - Со помош на турската општина Бујукчекмеџи, Струга ќе добие нова училишна зграда што ќе го носи името на основоположникот на современата турска држава Мустафа Кемал Ататурк, јавува Anadolu Agency (AA).
Денес официјално беше поставен камен-темелник за изградба на новата училишна зграда што се гради во склоп на постоечкото основно училиште „Браќа Миладиновци“.
На свеченоста присуствуваа градоначалниците на двете збратимени општини Зијадин Села и Хасан Акѓун. Проектот предвидува училишниот објект да биде на два ката и во него да има 13 училници, 5 административни канцеларии и една сала за состаноци со вкупна површина од 1.300 метри квадратни.
Во училиштето, кое треба да биде готово до почетокот на наредната учебна година, настава ќе се следи на три наставни јазици; турски, албански и македонски. Градоначалникот на Бујукчекмеџи, Хасан Акѓун за Anadoly Agency (AA) рече дека со задоволство ја прифатиле соработката со Струга.
Тој кажа дека одлучиле да се изгради ова училиште како историски симбол на пријателството меѓу Македонија и Турција.
„Во склоп на збратимувањето на нашите две општини, беше побарано од општина Струга дека има потреба од едно училиште. Ние со задоволство ја прифативме оваа молба и одлучивме да се изгради ново училиште. Токму на еден многу значаен датум за историјата на Турција, 24 ноември, Денот на просветниот работник, ние сме овде за да се постави камен-темелникот на новото училиште“, рече Акѓун.
Градоначалникот на Струга, Зијадин Села рече дека ова е голем придонес за образовниот процес во општината.
„Тоа е така имајќи ги предвид условите со кои се соочуваме во училиштата, не само во Струга туку и во целата држава. Го постигнавме ова со големи напори, тоа знак на збратимувањето меѓу општина Струга и општина Бујукчекмеџи“, рече Села.
Целиот проект е вреден е 2,5 милиони турски лири. Градоначалникот на Бујукчекмеџи, Акѓун најави дека соработката со Струга продолжува и понатаму, преку нови проекти како што се нов парк и спортска сала. Претходно во Струга, како резултат на оваа соработка што започна пред година и пол, беше изградено детско игралиште.
На настанот присуствуваа и членови на општинските совети на двете општини, како и граѓани на Струга.