Admir Fazlagic
26 Мај 2017•Ажурирај: 27 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Од утре до 14 јуни ќе се одвива полагањето на екстерните испити од државната матура во јунската испитна сесија во 2017 година, за која се пријавени вкупно 16.426 кандидати, јавува Anadolu Agency (AA).
Полагањето на државната матура ќе почне утре во 10 часот со тестот по мајчин јазик и литература. Според податоците на Државниот испитен центар, пријавени се 10. 632 матуранти за македонски јазик, 5120 за албански јазик и 418 за турски јазик.
На 10 јуни е полагањето странски јазик. Како и во минатите години, најголем број (15. 201) се пријавени за англиски јазик, за француски јазик 108, за германски 197 и за руски јазик 26 кандидати.
Тестирањето по предметот математика е на 12 јуни, а пријавени се 2070 матуранти.
Последниот екстерен испит од државната матура ќе се полага на 14 јуни - за тест по биологија се пријавени 3445, за хемија 282, за физика 119, за историја 2900 кандидати, за бизнис 4298, филозофија 3684 и за естетика 193 кандидати.
Според видот на образование, 8274 од вкупниот број пријавени матуранти се од гимназиско образование, 7881 од средно стручно и 271 кандидат од средно уметничко образование.
Првичните резултати од тестовите треба да бидат објавени најдоцна до 14 јули.