Husamedin Gina
07 Јули 2020•Ажурирај: 08 Јули 2020
СКОПЈЕ (АА) – Ана Попризова, психолог и надворешна соработничка на Детската амбасада „Меѓаши“, истакна дека половина од испитаните ученици и наставници истакнуваат постоење на тензии и инциденти во училиштата со хетероген етнички состав, јавува Агенција Анадолија (АА).
Првата детска амбасада во светот – Меѓаши на денешната прес-конференција ги објави резултатите од истражувањето на тема „Насилството во училиштата и меѓуетничките односи“, спроведено во девет средни училишта од Скопје, Велес, Виница, Дебар и Гостивар во ноември - декември 2019 година.
Презентирајќи ги резултатите од истражувањето, Ана Попризова рече дека целта на оваа анализа е да се согледаат ефектите од имплементацијата на Програмата за мировно образование, која се спроведува во над 20 воспитно-образовни институции во државата.
„Половина од испитаните ученици и наставници истакнуваат постоење на тензии и инциденти во училиштата со хетероген етнички состав“, нагласи Попризова, додавајќи дека и учениците од хомогени етнички средини пријавуваат постоење тензии и насилство во 40 проценти од случаите.
Според истражувањето, во училиштата се пријавени 22 различни видови насилства, од кои најзастапено е навредувањето и исмевањето, во 88 проценти, што укажува на негативно влијание за формирањето на општата клима во училиштата.
Потоа, следува уништувањето на училишниот инвентар со 84 проценти. Тепачките меѓу учениците (со 82 проценти) се на трето место и нема значајна разлика во однос на составот и локацијата на училиштата, а најмногу се случуваат во училишниот двор.
На четвртото и петтото место на листата, како што се наведува во истражувањето, се наоѓа навредувањето на линија наставник-ученик и ученик-ученик.
„Генерално можеме да заклучиме дека насилството е во висок процент застапено во училиштата“, рече Попризова, додавајќи дека причините се провокации, омраза и одмазда и љубомора.
Претседателот на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, Драги Змијанац, во своето обраќање на прес-конференцијата рече дека во ова истражување секој анкетиран трет ученик истакнал некоја форма на насилство.
„Она што мене лично ме загрижува и треба да се вклучи алармот е носење нож во училиште, каде што учениците навеле високи 41 процент, носење палки, кое исто така го навеле 23 отсто од учениците, и носење оружје со 9 проценти“, нагласи Змијанац, истакнувајќи дека овие податоци се загрижувачки и дека мора нешто да се преземе за да бидат училиштата безбедни места.
Првата детска амбасада во светот – Меѓаши ја спроведува програмата за мировно образование со поддршка на партнерската организација „KURVE Wustrow“ од Германија и со финансии на германското Федерално министерство за економска соработка и развој.