САРАЕВО (АА) - Училиштата во целиот свет коишто работат во рамките на терористичката организација ФЕТО се ставени под лупа на локалната јавност, како и на официјалните власти, јавува Anadoly Agency (AA).
Вистинското лице на образовните институции, кои низа години го користеа името на Турција со цел да обезбедат различни материјални придобивки во пријателските земји, сега полека излегува на виделина.
По неуспешниот обид за државен удар на терористичката организација ФЕТО на 15 јули во Турција, во земјите во кои тие институции делуваат се испитува имотот, како и целите на училиштата блиски на таа организација.
Во многу земји започнат е процесот на затворање на овие училишта, бидејќи тие извршуваат различни активности надвор од сферата на образованието, а кои директно или индиректно ја поддржуваат терористичката организација.
Исто така, внимателно се следат образованието, финансиите и политичките врски на горенаведените училишта, од кои се очекува да работат првенствено како образовна институција.
Во овој контекст, првиот чекор против училиштата на терористичката организација ФЕТО го презедоа властите во Сомалија.
Владата на Сомалија изјави дека на 16 јули ги блокирала активностите на три училишта кои работат во рамките на Академијата на Нил на организацијата ФЕТО, додека на вработените во овие училишта им бил даден рок за една недела да ја напуштат земјата. Надлежноста над споменатите училишта ја презеде турската амбасада во Могадишу. Во горенаведените образовни институции, кои ќе бидат координирани од страна на турската амбасада, поголемиот дел од наставниците отсега ќе го сочинуваат кадри од Сомалија, со поддршка на персоналот од Турција. Властите на Сомалија и Турција веќе спроведуваат активности во врска со ова прашање. Во три училишта, кои се отворени во 2011 година, наставата ја следат околу 850 ученици.
Исто така, Судан започна акција против училиштата поврзани со терористичката организација ФЕТО. Властите во Судан соопштија дека по обидот за пуч на 15 јули во Турција, управувањето на две училишта блиски до ФЕТО го пренеле на една суданска компанија.
„Владата на Турција побара да се затворат училиштата поврзани со ФЕТО. Министерството за надворешни работи на Судан го запозна Министерството за образование со информацијата дека овие училишта се затворени. Тоа се две училишта каде што наставата ја следеа околу 800 ученици, од кои повеќето државјани на Судан", се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Судан.
Унгарија исто така започна истрага во врска со училиштата поврзани со ФЕТО.
Од Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија за „Индекс“ беше соопштено дека Анкара бара да се затворат институциите и организациите кои се сметаат за поддршка на ФЕТО.
„Анкара започна иницијатива за затворање на повеќе институции и организации во Унгарија, за кои се верува дека обезбедувале материјална и морална поддршка на терористичката организација, и кои се поврзани со обидот за државен удар во Турција“, соопштија од ова Министерство.
Во соопштението се додава дека барањето на Турција ќе се разгледува во рамките на законот, истакнувајќи дека надлежните институции веќе се запознаени со гореспоменатото прашање.
„Ако се утврди поврзаноста меѓу овие институции и тероризмот, унгарските власти ќе дејствуваат против овие институции“, рекоа тие. Инаку, Унгарија претходно остро го осуди обидот за државен удар во Турција.
Регионалната ирачка курдска управа исто така започна одредени активности поврзани со училиштата на ФЕТО.
Портпаролот на Регионалната ирачка курдска управа, Сефин Дизај, изминатите денови изјави дека надлежноста на училиштата блиски до ФЕТО ќе ги преземе Министерството за образование во оваа област.
„Министерството за образование ќе ја преземе сопственоста над овие училишта. Овие училишта можат да продолжат со работењето, но ќе бидат целосно во надлежност на Министерството за образование, со цел да бидат преземени од претходните сопственици. Во овие училишта отсега ќе има различен систем, ќе има други луѓе и друга управа“, изјави Дизај за АА.
Тој додаде дека е неопходно да се следат горенаведените училишта, особено по обидот за државен удар на ФЕТО на 15 јули во Турција.
Училиштата на ФЕТО во тој дел на Ирак, во кои наставата ја следеа над 13.000 ученици, наводно, би можел да ги преземе и некој од приватниот сектор.
Училишта кои се под контрола на ФЕТО честопати се појавуваат и во медиумите во земјите на Балканот.
Изјавите на поранешни вработени во овие училишта и на поранешни ученици го поддржуваат аргументот дека зад образовниот систем се крие таен план.
Во медиумите честопати можат да се слушнат обвинувања во врска со сомнителни трансфери на пари, давање плата на вработените „на рака“, како и дека во училиштата, пред сѐ, се читаат книги чиј автор е Фетула Ѓулен, лидерот на терористичката организација ФЕТО.
Поранешните студенти од овие училишта често во локалните медиуми истакнуваа дека во рамките на образовниот систем во училиштата, оние кои се блиски со организацијата имаат привилегиран статус.
Образовните институции Босна Сема во БиХ во последниве неколку месеци беа во фокусот на јавноста во врска со малтретирањето и самоубиството на еден ученик. По обидот за пуч во Турција, пред овие училишта се одржаа протести. Босанските медиуми објавија вести за врската меѓу овие институции, нивните основачи, со лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен.
Учениците од средното училиште „Јахја Кемал“ во Скопје, неодамна, во знак на протест против ФЕТО и против лидерите на оваа организација, ги искинаа своите дипломи.