Yunus Türk
15 Декември 2022•Ажурирај: 16 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во Скопје стана универзитет кој најмногу ја зголеми својата позиција во рангирањето на успехот меѓу универзитетите во Северна Македонија, според рангирањето на „Webometrics University“, кое се врши врз основа на работите кои универзитетите ги реализирале во претходната академска година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Универзитетот, врз основа на податоците кои „Webometrics“ ги објавува секоја година, и покрај пандемијата, ИБУ го зголеми својот успех откако за 986 позиции се искачи на рангирањето на универзитетите во 2022 година низ светот.
Се истакнува дека ИБУ во изминатите години беше избран за најдобар приватен универзитет во Северна Македонија, додека, според податоците на Државниот завод за статистика, ИБУ е најпретпочитан приватен универзитет во Северна Македонија.
ИБУ минатата година почна со студии и на Факултетот за стоматологија и Високата медицинска школа за медицински сестри и акушерки.
Во рамки на проектот „Паметни училници“ во новоотворениот Факултет и Високата медицинска школа, ИБУ инвестира во работилници за уметност, ИТ-училници, амфитеатар, паметни табли, како и аудио системи и системи за камери, со што направи чекори да се адаптира на брзите промени и развојот во образованието.
Универзитетот се отвори во 2006 година под водство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. ИБУ оваа година ќе ги започне проектите за прва дигитална библиотека и проектот за најголем интернат во регионот. Покрај тоа, од оваа година ќе започне да прима студенти и на Студиската група за вештачка интелигенција.
Според соопштението, ректорот на ИБУ, проф. д-р Мехмет Дурсун Ердем, говорејќи за Студиската група за вештачка интелигенција, истакна дека со отворање на оваа студиска група целта е да се исполнат потребите на регионот и светот кој се обликува во рамките на вештачката интелигенција.
Ердем нагласи дека секоја година заинтересираноста за овој универзитет се зголемува и дека тие продолжуваат со инвестиции и новости како одговор кон големиот интерес.
Според него, резултатите од инвестициите кои ги прават во оваа насока ќе се видат со текот на времето, додека, како што рече, ИБУ ќе продолжи да го зголемува својот успех.
„ИБУ продолжува да биде гордост на Туркије на Балканот“, рече Ердем, додавајќи дека Универзитетот, покрај тоа што стана бренд во квалитетното образование, се истакнува и во истражувачко-развојните активности.
„Универзитетот често се споменува во Туркије и регионот со својот млад и квалификуван академски кадар, како и со своите публикации“, рече Ердем.