Admir Fazlagic
20 Февруари 2021•Ажурирај: 20 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, од 21 до 22 февруари ќе оствари официјална посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) на покана на неговиот домаќин, министерот за надворешни работи и меѓународна соработка, Шеик Абдула бин Зајед ал Нахјан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, на првиот ден од посетата на Дубаи министерот Османи ќе има средба со државната министерка за меѓународна соработка, Реим бинт Ебрахим ал Хашеми, која е одговорна за меѓународната, развојна и техничка помош и е главен управен директор на „Дубаи експо“, како и со министерот за надворешна трговија, Тани Ахмед ал Зејуди.
„Вториот ден, во понеделник, министерот Османи во Абу Даби ќе ја има централната средба со неговиот колега, Шеик Абдула бин Зајед ал Нахјан, на која се очекува да се разговара на теми поврзани со билатералните односи и можностите за интензивирање на соработката во областите од заеднички интерес. Во рамки на посетата, предвидено е министерот Османи да се сретне и со министерот за толеранција и соживот, Шеик Нахјан Мубарак ал Нахјан, државниот министер за економска диверзификација и економска дипломатија, Ахмед Али ал Сајег, и со извршниот директор на „Hedayah International Center“ за спротивставување на насилниот екстремизам и радикализам, Ахмед ал Касими“, се наведува во соопштението на МНР на Северна Македонија.
Во соопштението се додава дека посетата на Османи претставува прва официјална посета на ОАЕ од министер за надворешни работи по воспоставувањето на дипломатските односи.