Admir Fazlagic
15 Септември 2016•Ажурирај: 16 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - „Миграцијата како појава, од цивилизациски аспект не е нешто ново за светот и за Европа, меѓутоа актуелната мигрантско-бегалска криза претставува феномен незабележан во поновата светска историја. Тоа што денес се случува претставува глобален проблем“, изјави претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељановски, во денешното обраќање на Европската конференција на претседатели на парламенти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од кабинетот на претседателот на Собранието на Македонија, тој во своето излагање рекол дека и на штотуку завршениот Самит на групата Г-20, бегалската криза е дефинирана како глобален проблем што бара и соодветен пристап и решение.
„Мојата држава, Република Македонија, навистина не е крајна цел на овие миграциски бранови, но затоа е дел од западно-балканската рута по која поминуваат бегалците, а која започнува од Турција, па потоа Грција, поминува низ Македонија, Србија и преку Унгарија доаѓа до Европската Унија. Според податоците на нашите надлежни институции, во последните 16 месеци низ Македонија транзитирале повеќе од 900 илјади бегалци. Сето ова за Република Македонија, која има 2 милиони жители и ограничени материјални и човечки ресурси, е навистина голем предизвик од повеќе аспекти“, истакна Вељаноски укажувајќи дека бегалската криза ја погодува Европа, поради што е потребна соработка и решавање на проблемите на ниво на Европа.
„Факт е дека бегалската криза, пред сѐ, ја погодува Европа и затоа справувањето со неа мора да биде на ниво на Европа. Секако, за тоа е потребна максимална соработка меѓу сите држави, односно соработка меѓу надлежните институции. На почетокот од мигрантско-бегалската криза, кај нас се чувствуваше недостаток на кооперативност од страна на нашиот јужен сосед, но тоа е надминато бидејќи на сите ни е јасно дека тоа е наш заеднички интерес“, рече Вељаноски.
„Во насока на соработка на пограничното управување и побараната поддршка поврзана со безбедносните аспекти на мигрантската криза, неколку партнерски земји одговорија со распоредување на полицајци, опрема за погранична заштита, како и финансии, и тука би ги споменал: Унгарија, Хрватска, Србија, Словенија, Чешка, Словачка, Австрија и Полска. Сакам да истакнам дека денес, на нашата јужна и северна граница се присутни мешовити полициски патроли. Резултатите од зајакнатото присуство и активниот ангажман на македонските безбедносни сили, но и на мешовитите полициски патроли се видливи. Во периодот јануари – септември 2016 година беа пресретнати над 30.000 обиди за илегален премин на нашата јужна граница“, истакна Вељаноски во својот говор, и додаде дека во август 2016 година беа спроведени вкупно 588 гранични патроли заедно со офицерите од Австрија, Хрватска, Србија, Словенија, Словачка и од Унгарија.
„Преку нашата делегација во Параментарното собрание на Советот на Европа, Република Македонија активно учествува и во креирањето на документите и резолуциите што овде се донесуваат, а се однесуваат на мигрантско-бегалската криза, но и активно работиме на нивно имплементирање“, рече меѓу другото, претседателот на македонското Собрание, истакнувајќи ја потребата од билатералната и мултилатералната соработка меѓу земјите со цел за ефикасно решавање на проблемите што ги носи бегалската криза.
„Исто така, во рамките на билатералната соработка, како и во сите форми на мултилатерална соработка, пред сѐ на ниво на региони, особено ја потенцираме потребата од соработка околу решавањето на сите проблеми што ги наметна оваа криза. Затоа, убеден сум дека и оваа наша средба ќе даде соодветен квалитетен придонес со цел како подобро да одговориме на сите предизвици што ги носи бегалската криза и, секако, да помогнеме да се создадат услови во државите од каде што доаѓаат бегалците да се постигне мир и услови за нормален живот на тие луѓе“, заклучи Вељаноски во своето излагање на Европската конференција на претседатели на парламенти.