Bekim Laci
04 Декември 2015•Ажурирај: 04 Декември 2015
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Домот на пратеници на парламентот на Чешката Република, Јан Хамачек, кој денеска престојува во официјална посета на Република Македонија, беше примен од страна на Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељановски, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот помеѓу претседателите на македонското и чешкото собрание, Вељановски и Хамaчек се разговараше за билатералните односи помеѓу двете земји, како и за актуелната мигрантска криза. Вељановски се заблагодари на принципиелната политика на безрезервна поддршка која ја води Чешката Република кога станува збор за членствотo на Република Македонија во Европската унија и НАТО Алијансата, а исто така и се осврна на актуелната состојба со мигрантската криза.
“И ние имаме обврска да се заштитиме од оние негативни последици коишто доаѓаат со оваа река на бегалци и хуманитарна криза а тоа е тероризмот. Да биде парадоксот уште поголем овие бегалци доаѓаат од земја на ЕУ. Тргнувајќи од тоа што на ниво на европските институциии беше кажано дека за справувањето со кризата но и за безбедноста треба максимална соработка меѓу државите јасно истакнав дека на Македонија и е потребна и материјална помош”, изјави Вељановски.
Претседателот на Домот на пратениците на чешкиот парламент, Јан Хамачек ја ги потврди добрите билатерални односи помеѓу Македонија и Чешка, а за бегалската криза истакна дека е потребно заедничко решение помеѓу сите земји,а од клучно значење е соработката помеѓу Турција и земјите на ЕУ.
"Драго ми е што ЕУ сака да го реши овој проблем на повисоко ниво, бидејќи бегалската криза не може да се реши поединечно, туку потребно е заедничко решение. За ова прашање, од клучно значење е соработка на ЕУ и Турција, но секоја држава од Унијата мора да ги изврши своите должности ", рече Хамачек.
Претседателот на Домот на пратеници на Парламентот на Чешката Република, Јан Хамачек денеска е во официјална посета на Република Македонија во придружба на потпретседателот на Домот на пратеници на парламентот на Чешката Република, Јан Бартошек и пратениците: Ладислав Велебни, Зденек Соукуп, Павел Ковачик, Ром Кострица, Марек Бенда и Марек Чернок.