Ekipa
18 Март 2016•Ажурирај: 19 Март 2016
АТИНА (АА) - Грчкиот министер за внатрешни работи, Панагиотис Курубилис во текот на посетата на бегалскиот камп во Идомени на северната граница на Грција, го спореди овој камп со нацистички концентрационен логор, јавува Anadolu Agency (АА).
„Можам слободно да кажам дека ова е денешен Дахау, (што е) резултат на логиката на затворени граници”, рече Курубилис и додаде: „Веруваме во Европа со отворени граници, Европа која секогаш има на ум дека крвта пролеана поради национализмот не би смеела да се пролее повторно. Денес, за жал, Европа повторно гледа еден необичен национализам кој се буди против прогонетите луѓе.”
Курубилис се состана со активисти од Агенцијата за бегалци при ОН и организацијата „Лекари без граници” и разговараше со бегалците и полицијата за условите во кампот и проблемите кои мора веднаш да се решат.
Најави дека ќе бидат преземени одредени мерки за унапредување на санитарните и безбедносните услови.
„Овде сме со цел да ги убедиме бегалците и мигрантите да се преселат во сместувањата во кои условите се подобри и да им дадеме до знаење дека доколку повторно се отворат границите тие нема да го изгубат својот ред за преминување”, рече грчкиот министер за внатрешни работи.
Поради политиката на надворешни граници која ја спроведуваат Австрија и земјите од Балканот од почетокот на месецот, во кампот во Идомени, на границата со Македонија, дојде до хуманитарна криза. Во транзитниот камп за бегалци во Идомени останаа над 12.000 лица кои се надеваат дека наскоро ќе ја преминат границата, кои тука престојуваат без адекватен заклон и често на дожд.
Во четвртокот доцна навечер дојде до тензии во кампот кога бегалците нападнаа човек кого го обвинија за обид за силување на седумгодишно девојче.
Се испостави дека тоа не било обид за силување, што потврди и полицаецот кој разговараше со луѓето вклучени во инцидентот, а родителите на девојчето не поднесоа пријава.
Според податците на грчкото министерство за внатрешни работи, во Грција моментално се „заглавени” 46.000 кои не можат да го продолжат патот кон Европа.
Во исто време, пристигнуваат нови бегалци. Ферибот со 638 бегалци и мигранти од два острови во источниот дел на Егејското Море денес пристигна на пристаништето Пиреја, а се очекува во текот на денот да пристигнат уште две фериботи со 84 лица.