Abdula Berisha
26 Ноември 2019•Ажурирај: 27 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, денес го прими неговиот грчки колега Никос Дендиас, кој престојува во работна посета на Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (AA).
Министрите за надворешни работи остварија билатерална средба, по што се одржа состанок на делегациите.
На заедничката прес-конференција министерот Димитров истакна дека на средбата се разговарало за новата ера на односите меѓу двете држави по потпишувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши спорот за името.
„Ја нагласивме потребата од почитување на духот и словото на Договорот и подвлековме дека суштинската и навремена имплементација на преземените обврски е од клучно значење за развојот на севкупните односи меѓу двете земји, меѓутоа, разговаравме и за многу други прашања како што се одржување на првата седница на Експертската комисија за трговски марки, како и за тоа што е можно побрзо одржување на првиот состанок на експертите за отворање на новите гранични премини“, рече Димитров.
Тој исто така истакна дека Грција е важен стратешки партнер и пријател на Северна Македонија, додавајќи дека Договорот од Преспа отвори голем потенцијал што треба да се искористи.
Нагласувајќи дека ова му е прва посета во Република Северна Македонија, грчкиот министер Дендиас рече дека се надева дека земјата наскоро ќе ги започне пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ), за што рече дека има целосна поддршка од Грција.
„Нагласувам уште еднаш дека влезот на Северна Македонија во ЕУ, како и на останатите земји од Западен Балкан, претставува заедничка корист, заедничка цел, за преминување на регионот во една нова реалност која ќе се потпира на европските вредности. Во овие рамки, започнувањето на пристапните преговори е значаен чекор за европската целост на Западен Балкан“, рече Дендиас.
Тој нагласи дека ги поканил министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Албанија на неформалниот ручек на Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ, состанок што ќе се одржи во Брисел на 9 декември.
Грчкиот министер за надворешни работи оствари средба и со претседателот на државата, Стево Пендаровски, а предвидено е да се сретне и со премиерот Зоран Заев.