Admir Fazlagic
01 Март 2017•Ажурирај: 02 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Република Македонија (СДСМ) Зоран Заев вечерва изјави дека претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов „со одлуката да не го додели мандатот за состав на новата Влада, за што е обврзан според Уставот на Р.Македонија, изврши државен удар", и побара повлекување на ваквата одлука, пренесува Anadolu Agency (AA).
Лидерот на СДСМ, Заев рече дека претседателот Иванов со ваквата одлука ја внесува Македонија во длабока криза со несогледливи последици по граѓаните и по државата.
„Тој прави уставно - државна криза со тоа што ја негира мнозинската волја на граѓаните и поднесените 67 потписи на избрани пратеници во Собранието на Р. Македонија и спречува легален и легитимен трансфер на власта", изјави Заев.
Тој порача дека СДСМ и тој како претседател нема да дозволат никој да си игра со иднината на државата за лични, политички и криминални цели. Заев наведе дека концептот на едно општество, кое што, како што истакна, го поддржаа мнозинството граѓани, е единствен гарант на унитарноста на Република Македонија.
Меѓу другото, Заев ги повика граѓаните да не подлегнуваат на никакви провокации, независно од национална, верска, политичка припадност.
„Да останеме смирени, на линијата на демократските процеси, коишто водат кон формирање на нова реформска Влада во нашата Македонија, којашто ќе се фокусира на реалните потреби на граѓаните и државата и на владеење на правото", порача во своето обраќање Заев.
На крајот од своето излагање, Заев побара од претседателот Иванов да ја повлече одлуката за недоделување мандат и да го додели мандатот за формирање на новата Влада.
„Ѓорге Иванов мора да ја повлече оваа одлука и веднаш да го додели мандатот за формирање на новата Влада, бидејки Уставот го обврзува на тоа. Не смее да ја негира мнозинската волја на граѓаните, којашто е преточена преку 67 мандати за пратеници и да ги кочи уставните, законските и демократските процеси во Република Македонија", истакна Заев.
Инаку, денеска претседателот Иванов изјави дека „нема да го додели мандатот на секој оној кој преговара за платофрми на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзнинот суверенитет и независноста".
- Заедничка платформа на албанските партии во Македонија -
Заедничката платформа на албанските политички субјекти во Македонија беше постигната по предвремените парламентарни избори на 11. декември минатата година, со посредство на премиерот на Албанија, Еди Рама.
Преку оваа заедничка платформа, која содржи неколку барања за правата на Албанците во Македонија, лидерите на албанските политички партии се обврзуваат дека нема да учествуваат во новата влада на Македонија доколку не бидат прифатени барањата наведени во платформата.