Admir Fazlagic
01 Март 2017•Ажурирај: 02 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, вечерва даде свој коментар во врска со политичката состоба во Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на еврокомесарот Хан, објавено на веб-страницата на Европската комисија, тој ги повика сите политички лидери во земјата, вклучително и претседателот Иванов, да го почитуваат исходот од последните предвремени парламентарни избори во земјата.
„Во неколку наврати изјавивме дека сите лидери во земјата, вклучувајќи го и претседателот, мора да ги почитуваат резултатите од последните избори. Во демократијата, мора да се признае парламентарното мнозинство, дури и ако тоа не го сакате. Очекувам сите политички лидери и институциите да му дозволат на демократскиот процес да се одвива по својот тек, во интерес на граѓаните, порача еврокомесарот Хан во неговото соопштение.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, претходно изјави дека „нема да го додели мандатот на секој оној кој преговара за платофрми на други држави". Тој наведе дека по изборите одржани на 11 декември минатата година, Македонија се соочи со „непријатно изненадување од една постизборна политичка платформа од туѓа држава."
Иванов посочи дека содржината на платформата е „надвор и од Уставот и од Охридскиот рамковен договор и го загрозува унитарниот карактер, суверенитетот и независноста на Република Македонија."
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Република Македонија (СДСМ) Зоран Заев вечерва изјави дека претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов „со одлуката да не го додели мандатот за состав на новата Влада, за што е обврзан според Уставот на Р. Македонија, изврши државен удар", и побара повлекување на ваквата одлука.
- Заедничка платформа на албанските партии во Македонија
Заедничката платформа на албанските политички субјекти во Македонија беше постигната по предвремените парламентарни избори на 11. декември минатата година, со посредство на премиерот на Албанија, Еди Рама.
Преку оваа заедничка платформа, која содржи неколку барања за правата на Албанците во Македонија, лидерите на албанските политички партии се обврзуваат дека нема да учествуваат во новата влада на Македонија доколку не бидат прифатени барањата наведени во платформата.