АНКАРА (АА)
Ненадејната посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Москва и средбата со рускиот претседател Владимир Путин на почетокот на овој месец предизвика реакции во Европската унија (ЕУ) и иницираше дебата за тоа дали на Унгарија треба да и се одземе шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ, кое започна на 1 јули, пренесува Анадолу.
Посетата на Орбан на Русија, која тој ја опиша како „мировна иницијатива“, предизвика критики од претставници на ЕУ и многу земји-членки.
Орбан беше остро критикуван од европските лидери, вклучително и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и високиот претставник за надворешни работи Жозеп Борел.
„Ротационото претседателство на ЕУ нема мандат да се занимава со Русија во име на блокот“, напиша Мишел на социјалната мрежа Х.
Борел рече дека унгарскиот премиер „не ја претставува“ ЕУ во каков било облик.
- „Жолт картон“ за Орбан
Амбасадорите на ЕУ во Брисел се состанаа на 10 јули за да разговараат за посетите на Орбан на Русија и Кина, како и за иднината на унгарското претседавање со ЕУ.
Амбасадорите го осудија Орбан за користењето на симболот на ЕУ за време на посетата, наведувајќи дека му наштетил на единството на 27-те земји и постапил спротивно на договорите.
Тие ја изразија својата нелагодност поради дипломатските посети на Унгарија уште од почетокот на нејзиното претседавање.
Опишувајќи ги дејствијата на Орбан како „прекршување на правилата“, амбасадорите ја истакнаа обврската на земјата која претседава со Советот на ЕУ, која нема овластувања за надворешна политика, да соработува со другите земји-членки.
Унгарија тврди дека Орбан посетите не ги спроведувал во име на ЕУ, туку исклучиво во својство на унгарскиот премиер, со цел да се проценат можностите за прекин на огнот во војната меѓу Русија и Украина.
Иако од средбата на амбасадорите на ЕУ во Брисел не дојде конкретна одлука и не беше даден сигнал за одземање на претседателската функција на Унгарија, дипломат кој присуствувал на средбата, дискусијата ја оценил како „жолт картон“ за Орбан.
- Повик за прекин на унгарското претседавање
Лидерите на политичките групи во Европскиот парламент одржаа состанок во четвртокот за да разговараат за можни санкции, вклучително и бојкот и предвремено прекинување на унгарското претседавање, наведувајќи слични причини.
Во меѓувреме, либералните партии Да ја обновиме Европа и Зелените во Европскиот парламент, исто така, изразија загриженост поради претседавањето на Орбан.
„Унгарскиот премиер ги поткопува ставовите што ги одобри Европската унија и дејствува против нашите интереси и тоа мора да се запре“, рече Валери Хајер, претседателката на партијата Да ја обновиме Европа.
Либералите ги повикаа Европскиот совет и Европската комисија да преземат одговорност и да иницираат неопходни чекори, вклучително и потенцијално повикување на членот 7, што можело да доведе до суспензија на гласачките права на Унгарија.
- Дали е можно да се одземе претседавањето?
Одземањето на претседавањето на една земја-членка пред истекот на нејзиниот мандат е неочекувано и сложено, бидејќи во договорите на ЕУ не постои директен правен механизам кој конкретно би се занимавал со таквата ситуација.
Едната опција вклучува дипломатски канали и политички притисок, што би можело да ја доведе дотичната земја таа доброволно да се повлече.
Доколку се поднесе барање за отстапување и се постигне консензус меѓу земјите-членки и институциите на ЕУ, Советот би можел да одобри префрлање на претседателството на следната држава по ред.
Ова сценарио, сепак, изгледа е малку веројатно за Унгарија, која не правеше компромис во својата политика и покрај несогласувањата со ЕУ и земјите-членки во последните години.
Земјите-членки на ЕУ би можеле да гласаат за промена на распоредот за претседавање и да ја именуваат Полска наместо Унгарија.
Но, за тоа да се случи, Мишел ќе треба да даде предлог заснован врз релевантен член од Договорот за функционирање на Европската унија.
Покрај тоа, повеќето членки на ЕУ се двоумат околу таквата идеја бидејќи стравуваат дека со тоа би се ослабил принципот на ротирачкото претседавање, кој на помалите земји им дава шанса да влијаат на агендата на ЕУ и би можел да се создаде преседан.
Измените на договорите на ЕУ кои го регулираат функционирањето на институциите би можеле да ги пополнат правните празнини во вакви ситуации.
Имајќи предвид дека амандманите на договорите бараат консензус меѓу сите земји-членки и одобрување во согласност со националните процедури, тоа исто така не се очекува да се случи наскоро.
Друг пристап би можело да биде воведувањето санкции со суспендирање на одредени права на државата претседавач, иако тоа не е директно поврзано со самата држава претседавач.
Механизмите како што е член 7 од Договорот за ЕУ би можел да се користат како алатка во екстремни случаи кога постапките на една земја-членка се сметаат за прекршување на вредностите на ЕУ.
- Што е член 7 од Договорот за ЕУ?
Членот 7 од Договорот за Европската унија ги претставува процедурите на договорот за Европската унија со кои може да се суспендираат одредени права на земјите-членки. Меѓутоа, не постои процедура за исклучувње на земја членка на ЕУ.
Постапката е предвидена за случаи кога ЕУ јасно определува една од членките како повторен прекршител на темелните вредности на ЕУ, пред сѐ почитување на човековото достоинство, слободата, еднаквоста, демократијата, човековите права и правата на малцинствата.
Европскиот совет може да изгласа суспендирање на кое било од правата на земјата-членка, како што се правото на глас и застапување во институциите на ЕУ.
За утврдување на повредата на вредностите од страна на земја-членка,
задолжителна е едногласност, со исклучок на самата земја-членка, додека за да се гласаат санкција доволно е и квалификувано мнозинство.
Земјата-членка под санкции сè уште е обврзана со своите обврски од Договорот за ЕУ, а санкциите може да се модифицираат или да се укинат со гласовите на мнозинството во Советот.
Европската унија во 2022 година го услови доделувањето на средствата од буџетот за Унгарија во рамките на механизмот за условување поради долгогодишна загриженост за злоупотреба на фондовите на ЕУ, што спаѓа во доменот на член 7. Оваа постапка е во тек.