Furkan Abdula
17 Мај 2023•Ажурирај: 18 Мај 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на четвртиот Самит на Советот на Европа, учествуваше на тркалезна маса зад затворени врати, на која се разговараше за моделите за зачувување и развој на демократијата во време на огромни ризици за неа, пренесува Анадолу.
Според владиното соопштение, во дискусијата, Ковачевски се осврнал на обврската на сите земји силно да ја осудат агресијата против основните принципи на меѓународното право и светскиот поредок, меѓу кои и демократијата, како и да покажат солидарност и единство во одбраната на моралните вредности, посебно во време на глобални предизвици.
Ковачевски нагласил дека секоја форма на агресија и страдање на цивилно население, како средство за постигнување цел, е неприфатлива.
„Беше нагласена и важноста од брза интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, како инвестиција во зацврстување на безбедноста на Европа, за што развојот на демократијата и човековите права се основни темели“, се вели во соопштението.
Со тркалезната маса, на Самитот на Советот на Европа, копретседаваа претседателот на Романија, Клаус Јоханес, и премиерот на Луксембург, Хавиер Бетел, а учествуваа претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Словачка, Сузана Чапутова, премиерите на Грузија, Иракли Гарибашвили, на Норвешка, Јонас Гар Сторе, и на Италија, Џорџа Мелони.