Furkan Abdula
10 Септември 2021•Ажурирај: 12 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Република Северна Македонија, Венко Филипче, поднесе оставка, како морална одговорност поради пожарот што на 8 септември се случи во модуларната ковид-болница во Тетово, каде животот го загубија 14 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одлуката за оставка Филипче ја соопшти во вонредно обраќање до јавноста.
„Последната трагедија во Тетово многу ме повреди, многу жалам за загинатите, сочувствувам со нивните семејства. Нема зборови што тоа можат да го опишат, ниту пак начин да се надомести загубата. Почитувани, како лекар и министер имам интегритет, затоа денеска од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев”, рече Филипче.
Според процедурите, по оваа објава на министерот Филипче, премиерот Заев треба да одлучи дали ќе ја прифати понудената оставка.
Исто така и заменик министерот за здравство на Северна Македонија, Илир Хасани, соопшти дека поднесува оставка по пожарот во ковид-центарот во Тетово.
Оставка поднесоа и директорот на клиничката болница во Тетово, Фљорим Бесими, и економскиот директор на болницата Артан Етеми, попладнево поднесоа оставки.
Потсетуваме, во модуларната болница во Тетово, каде што се лекуваа пациенти болни од Ковид-19, на 8 септември избувна пожар во кој живтот го загубија 14 лица, а 12 беа повредени.
Владата на Република Северна Македонија соопшти дека е одобрена одлуката во земјата да пристигнат стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги при несреќи за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во болницата во Тетово. Станува збор за експертски од Федералната криминалистичка полиција на Германија.