Husamedin Gina
07 Септември 2022•Ажурирај: 07 Септември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за надворешни работи на Северна Македонија најостро го осуди кибернападот од 15 јули 2022 година извршен против Владата на Република Албанија од страна на Исламската Република Иран, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение од МНР се наведува дека Северна Македонија се солидаризира со Владата на Албанија, ги поддржува преземените мерки во тој контекст и повикува на одговорност за извршителите на ваквите малигни дестабилизирачки активности кои, како што се нагласува, ја загрозуваат не само националната безбедност и сигурност на Албанија, туку имаат и пошироки регионални и меѓународни импликации.
„Ваквите деструктивни напади претставуваат флагрантно кршење на нормите на меѓународното право, обид за поткопување на суверенитетот на Албанија, како и директна закана за безбедноста на нејзините граѓани и институции“, се нагласува во соопштението.
„Со цел заштита на своите интереси, но и интересите на секоја поединечна земја членка на НАТО и нејзините сојузници, остануваме единствени во рамките на Алијансата во справувањето со сите предизвици кои го загрозуваат меѓународниот поредок и безбедност“, се додава во соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.