Senada Ibraimova
11 Декември 2016•Ажурирај: 12 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) – МОСТ на денешната четврта по ред прес-конференција ги објави нерегуларностите дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ за втората половина од денот на гласањето, јавува Anadolu Agency (AA).
Според претседателот на граѓанската асоцијација МОСТ, во втората половина од денот, односно од 13 до 18 часот на гласачките места се утврдени низа неправилности, како што се непочитување на постапката на гласање и проблеми предизвикани од подносители на кандидатски листи и гласачи, поткуп и агитација, како и фотографирање на гласачко ливче.
Според Алексов, најмногу нерегуларности се утврдени во врска со непочитување на постапката на гласање и проблеми предизвикани од подносители на кандидатски листи и гласачи.
„Гласачко место 1986, општина Тетово, член на избирачкиот одбор од политичка партија откинал 5 гласачки ливчиња и му ги дал на друг член од политичка партија, кој отишол зад параванот и гласал. Гласачките ливчиња стуткани биле ставени во гласачка кутија. ГМ 2557, општина Ѓорче Петров, гласал гласач кој не бил запишан во Избирачкиот список за тоа гласачко место. Избирачкиот одбор ќе направи записник и ќе го извести избирачкиот одбор од избирачкото место во кое е запишан гласачот дека истиот гласал на погрешно гласачко место. ГМ општина Центар, на гласач кој имал траги од мастило му било дозволено да гласа. Член на избирачкиот одбор бил отстранет бидејќи не бил запознаен со постапката на гласање и ги обележувал гласачите со спреј на двете раце“, рече Алексов.
Голем број нерегуларности се утврдени и во Аеродром на различни гласачки места и тоа, забележани се 4 случаи во кои не е проверено дали гласачите имаат трага од невидливо мастило, 2 случаи на нарушување на тајноста на гласањето, 4 случаи на семејно гласање, при што биле злоупотребени 10 гласа. На 3 гласачи со траги на мастило им било дозволено да гласаат. Забележани се и 5 случаи на семејно гласање при што биле злоупотребени 12 гласа.
Исто така во општина Аеродром на ГМ 2733/1, на местото во Избирачкиот список на гласач кој дошол да гласа веќе бил потпишано друго лице. Според МОСТ, по десетминутна дискусија на избирачкиот одбор, на гласачот му било дозволено да гласа, при што се потпишал на друго место во Избирачкиот список. Во меѓувреме дошол друг гласач, кој не бил запишан во Избирачкиот список и му било дозволено да гласа во име на негов роднина, по што гласањето било прекинато 10 минути. Во текот на дискусијата МОСТ тврдат дека, редот пред гласачкото место го воспоставувал партиски набљудувач.
Исто така, гласањето било прекинато 30 минути во Кавадарци, бидејќи, како што тврдат од МОСТ, еден гласач го скинал ливчето од член на семејството, сакал да ја искрши и кутијата, но бил спречен од избирачкиот одбор. Гласачот го напуштил местото со скинатото ливче. По ова била повикана полиција која направила записник и гласањето продолжило. Вакви и слични нерегуларности МОСТ утврдиле и во општина Струга, Демир Хисар, Пробиштип, Липково и Карпош.
Поткуп и агитација, според МОСТ, е утврдена на гласачи од ромска националност пред училиштето Санде Штерјоски во Кичево. Истите, откако биле забележани од тимот на МОСТ се префрлиле на друга локација.
Членови на политичка партија агитирале пред гласачко место во општина Штип, а син на носител на јавна функција и набљудувач од политичка партија биле пред физичка пресметка, по што била повикана полиција, која го отсранила првото лице, но истото останало пред гласачкото место и продолжило да агитира.
Фотографирање на гласачки ливчиња од страна на набљудувачкиот тим на МОСТ се утврдени во општина Центар, Аеродром, Ѓорче Петров, Струмица, Тетово, Пехчево и Босилово.
Алексов рече дека, за сите овие нерегуларности ќе достават извештај во ДИК.
Според податоците добиени од ПВТ програмата, одзивот на гласачите по изборни единици до 18 часот е следниот: ИЕ 1 – 71,44%; ИЕ 2 – 64,09%; ИЕ 3 – 70,31%; ИЕ 4 – 72,95%; ИЕ 5 – 62,25% и ИЕ 6 – 50,28%.
Инаку МОСТ на овие избори има вкупно 3.300 набљудувачи распоредени на цела територија на Македонија.
На денешните деветти парламентарни избори во Македонија, а четврти предвремени од 2008 година, право на глас според Избирачкиот список имаа 1.784.416 граѓани, од кои 1.531.368 во Македонија.
Првичните резултати од гласањето ДИК ги објавува во рок од 12 часа, а конечните 24 часа по завршувањето на гласањето.
Денешните избори ги следеа 7.585 домашни и 667 странски набљудувачи, како и 75 странски новинари.