Furkan Abdula
11 Ноември 2022•Ажурирај: 12 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во рамки на учеството на 5. Париски мировен форум, оствари средба со претседателот на Естонија, Алар Карис, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на претседателскиот Кабинет, на средбата биле потврдени пријателството и соработката помеѓу Северна Македонија и Естонија, и било нагласено дека постои добро ниво на политички дијалог меѓу двете држави.
„Претседателот Пендаровски, посочувајќи дека Естонија е наш долгогодишен партнер во ОН, ЕУ, НАТО и ОБСЕ, истакна дека Северна Македонија високо ја цени естонската силна и гласна поддршка за македонската европска интеграција, како и соработката на меѓународните форуми“, се наведува во соопштението.
Пендаровски изразил задоволство од досегашната соработка во областа на дигитализацијата, и го изразил интересот на Северна Македонија за имплементирање на естонското искуство во оваа област.
На средбата се разговарало и за геополитичката ситуација, во контекст на војната во Украина, со осврт на состојбите и безбедносните импликации врз балтичките и балканските држави, при што двајцата претседатели ја поздравиле одличната соработка во рамките на НАТО.
Претседателот Пендаровски престојува во работна посета на Република Франција, по повод учеството на 5. Париски мировен форум.