Furkan Abdula
11 Ноември 2022•Ажурирај: 11 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на маргините на 5. Париски мировен форум, оствари средба со претседателот на Романија, Клаус Јоханис, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди Кабинетот на претседателот на Северна Македонија.
Во соопштението се вели дека на средбата било разговарано за севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Романија „што се карактеризираат со конструктивен и отворен политички дијалог, базирани на пријателство и меѓусебна почит“.
Се истакнува дека двајцата претседатели разговарале за европската перспектива и за актуелностите во процесот на евроинтеграција на Северна Македонија.
„Претседателот Пендаровски упати благодарност за романската поддршка и истакна дека Северна Македонија останува посветена на европскиот пат и остварувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија“, се наведува во соопштението.
Двајцата претседатели разговарале и за случувањата во регионот во врска со руската инвазија врз Украина, како и за влијанијата врз поширокото соседство, при што било нагласено дека двете држави, како членки на НАТО, демонстрираат единство и меѓусебна соработка.