Husamedin Gina
01 Февруари 2022•Ажурирај: 02 Февруари 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека безбедносната состојба во земјата е стабилна и дека засега нема индиции што би укажувале дека би можело да дојде до загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Пендаровски, по завршувањето на 14-тата седницата на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, на која се разгледуваа актуелната политичка и безбедносна состојба во регионот и пошироко, даде изјава за медиумите.
Потсетувајќи дека на првата седница на Советот за безбедност што е одржана оваа година учествувал новиот премиер на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и новата министерка за одбрана, Славјанка Петровска, претседателот Пендаровски нагласи дека безбедносната состојба во земјата е стабилна.
„Безбедносната состојба во земјата е стабилна и засега нема индиции кои би укажувале дека би можело да дојде до загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Северна Македонија. Надлежните институции редовно ја следат состојбата и ако има потреба тие се целосно подготвени веднаш да реагираат“, рече Пендаровски.
Во однос на состојбите во регионот на Западен Балкан, претседателот Пендаровски рече дека Советот на денешната седница заклучил дека со засилената дипломатска активност и по интензивното присуство на теренот на меѓународната заедница во последниот период тензиите се делумно намалени и дека тука се мисли пред сè на Босна и Херцеговина, при што е отворен простор за повторно воспоставување дијалог како единствен начин за надминување на проблемите.
На седницата, како што рече Пендаровски, е дискутирано и за тензиите во поширокиот регион, поточна на украинско-руската граница.
„Имајќи предвид дека станува збор за две држави кои граничат со таканаречената евроатлантска зона на одговорност, Северна Македонија како членка на НАТО беше должна да ги направи и ги направи сите неопходни подготовки, повторувам подготовки за можните сценарија во зависност од тоа како ќе се одвива текот на настаните во наредниот период во тој дел од светот“, додаде претседателот Пендаровски.