Abdula Berısha
28 Јануари 2020•Ажурирај: 30 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска се обрати на тркалезната маса насловена „Патот кон ЕУ и НАТО: Перспективи и предизвици“, организирана од Советот на амбасадори, пренесува Агенција Анадолија (AA).
На тркалезната маса присуствуваа амбасадори на повеќе странски земји во Скопје, како и поранешни министри од земјата, професори и пратеници.
Како што соопштуваат од Кабинетот на Претседателот, Пендаровски во своето обраќање преку амбасадорите на ЕУ изрази благодарност до земјите членки на ЕУ што проширувањето остана на агендата на Унијата и изрази очекување дека Северна Македонија ќе ги почне пристапните преговори за време на хрватското претседателство и дека новата методологија за водење на пристапните преговори ќе биде усвоена на состанокот на Европскиот совет во март 2020 година.
„Претседателот нагласи дека ефектите од одлуката за почеток на преговорите ќе имаат позитивно влијание врз политичките процеси, реформската агенда, резултатите кои треба да се испорачаат, како и генерално, врз оптимизмот во општеството. Оттука, порача Претседателот, за нашата држава е важно кога таа одлука ќе биде донесена“, стои во соопштението.
Претседателот Пендаровски изрази очекување дека процедурата во Шпанија за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО се очекува да заврши до почетокот на изборите во земјата, при што порача дека е неопходно Република Северна Македонија да спроведе фер, слободни и демократски избори.
Потсетуваме, предвремените парламентарни избори во Северна Македонија се предвидени да се одржат на 12 април оваа година.
Во вториот дел од дискусијата, свој збор имаа и странските амбасадори во земјата. Амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние, истакна дека процесот на реформирањето на ЕУ може да се одвива паралелно со процесот на пристапните преговори.
На Самитот на лидерите на ЕУ во октомври минатата година не беше постигнат договор за започнување пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.
Франција го блокираше отворањето на преговори за членство во ЕУ на Северна Македонија и Албанија, тврдејќи дека двете земји треба да спроведат повеќе реформи пред започнувањето на преговорите, но и дека има потреба од промена на преговарачкиот процес.
Освен амбасадорот на Франција, во вториот дел од тркалезната маса поддршка за евроатлантското интегрирање на земјата, меѓу другото, дадоа и амбасадорите на Италија, Германија, САД и Хрватска.