Abdula Berisha
08 Јули 2019•Ажурирај: 09 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - На стадионот на Фудбалскиот клуб „Шкупи“ е поставен камен-темелник за новата трибина на стадионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Проектот за изградба на трибината е на иницијатива на Општина Чаир, поддржана од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и од УЕФА.
На церемонијата за поставувањето на камен-темелникот, освен претседателот на фудбалскиот клуб, Суат Алија, и другите претставници и легенди на клубот од Чаир, присутни беа и претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини; вицепремиерите Бујар Османи и Садула Дураки и други претставници од извршната власт; градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов; градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу; претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети; скопскиот муфтија, Ќенан Исмаили; како и амбасадорите на Албанија и Косово.
Претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини, рече дека со оваа трибина, која ќе ги исполнува стандардите на УЕФА, конечно ќе се исполни тоа што му недостигаше на овој стадион.
„Чаир и Шкупи заслужија да имаат ваков стадион. Шкупи има богата историја во нашиот шампионат и затоа заслужува во еден ваков стадион да продолжи и понатаму да ја пишува својата историја“, рече Сејдини.
Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, рече дека за него има посебно значење поставувањето на камен-темелникот за новата трибина.
„Сакам да истакнам дека нема поголемо задоволство. Бев фудбалер на овој клуб. Бев тренер со што дадов придонес во едукацијата на многу деца тука, од различни генерации во фудбалот. Бев и тренер на првиот тим и еве со божја помош дојде моментот кога и како градоначалник ја потпишав дозволата за изградба на оваа трибина“, рече Ганиу.
Со своите говори, присутните ги поздравија и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кои му посакаа понатамошен успех на ФК „Шкупи“, а потоа присутните свечено учествуваа во поставувањето на камен-темелникот на трибината.
Новата трибина на стадионот на ФК „Шкупи“ ќе биде изградена како дел од проектот „Хет-трик“ на УЕФА. Се очекува таа да има капацитет од околу 1.800 гледачи, а се предвидени и места за лицата со посебни потреби.