Abdula Berisha
24 Ноември 2020•Ажурирај: 25 Ноември 2020
СКОПЈЕ (АА) - Градоначалникот на скопската општина Чаир, Висар Ганиу, денес го прими боксерот Ардијан Аземи од Боксерскиот клуб „Шкупи“, кој го освои бронзениот медал на Европскиот шампионат за јуниори до 19-годишна возраст, што се одржа во Будва, Црна Гора, јавува Агенција Анадолија (АА).
Потсетувајќи дека е професор по физичко образование и спорт, Ганиу рече дека секогаш ги поддржувал и ќе ги поддржува спортските клубови, истовремено изразувајќи задоволство што еден спортист од Чаир успеал да донесе медал од меѓународно натпреварување.
„Сметам дека овој резултат, кој е историски за нашата држава, сигурно ќе биде водич и ќе биде добар почеток за идните резултати што ќе ги постигне Ардијан“, рече меѓу другото Ганиу.
Градоначалникот на Чаир им се заблагодари и на тренерите и на техничкиот персонал кои работеа со боксерот Ардијан Аземи, посакувајќи им понатамошни успеси.
Боксерот Аземи, од своја страна, му се заблагодари на градоначалникот на Чаир за поканата, надевајќи се дека ќе продолжи да освојува медали и во иднина.
„Ова достигнување што го постигнавме на Европскиот шампионат е големо достигнување од каде што донесов и медал, но сакам понатаму да се подготвам за Светскиот шампионат што го имаме во април и се надевам дека ќе донесеме медал и следната година“, рече Аземи.
Покрај благодарницата, градоначалникот на Чаир рече дека на боксерот Ардијан Аземи ќе му биде доделена награда од 60 илјади денари, како и по 20 илјади денари за тренерите Насер Харуни и професорот Блерим Саити.
На настанот, свое обраќање имаа и претседателот на Боксерската федерација, Примислав Димовски, како и тренерот Насер Харуни, кои му се заблагодарија на градоначалникот на Чаир и му посакаа понатамошни успеси на боксерот Ардијан Аземи.