Furkan Abdula
06 Октомври 2021•Ажурирај: 06 Октомври 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев, во рамките на агендата за учество на Самитот на ЕУ за Западен Балкан оствари заедничка средба со претседателот на Франција, Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Бугарија, Румен Радев, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, на средбата, на која присуствувал и заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања, Никола Димитров, била изразена посветеноста на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, со што беше потврден стратешкиот интерес на Унијата за ова прашање.
„Премиерот Заев изрази благодарност за оваа определба и потенцира дека е од огромно значење што лидери како претседателот Макрон и канцеларката Меркел преземаат чекори со кои го помагаат изнаоѓањето решенија за билатералните спорови, кои влечат корени од минатото“, се вели во соопштението.
На средбата Заев го поздрави лидерството на Макрон и Меркел и им се заблагодари на Франција и Германија, кои, како што истакна, гледаат напред кон иднината и помагаат при решавањето на балканските спорови од минатото.
„Премиерот Заев на средбата ги изрази очекувањата и јасните определби на македонските граѓани за европска иднина на својата земја, потенцирајќи дека итно се потребни европски чекори од страна на сите земји членки на ЕУ со цел да не се дозволи разочарување на нашиот народ, а со тоа и зголемување на ризиците од засилување на ретроградните националистички струи“, се истакнува во соопштението.
За време на разговорот беа изразени и заедничката подготвеност и интерес од Северна Македонија и од Бугарија да продолжи дијалогот меѓу двете земји со цел да се дојде до решение.