Admir Fazlagic
04 Септември 2017•Ажурирај: 05 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од владината делегација со којашто е во официјална посета на Израел, заменик-претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменик-претседателот на Владата за економски прашања, Кочо Анѓушев, како и министрите за економија, Крешник Бектеши и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, се сретна со премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Гледаме заедно кон подобра иднина. Ги разгледуваме начините и полињата каде што можеме да соработуваме во интерес на луѓето и на нашите земји. Научивме од минатото како да ја обезбедиме иднината. Израел е технолошки развиена земја и ќе ѝ помогне на Република Македонија", соопшти израелскиот премиер Нетанјаху по средбата со македонскиот премиер Зоран Заев.
Заев соопшти дека за Република Македонија се значајни искуствата на Израел во иновациите и старт ап бизнисите, како и дека новата Влада ќе ги употреби израелските искуства за калитетен живот на граѓаните на Македонија.
„Имаме чест што сме во Израел. Го посетивме израелскиот претседател на државата, имавме состанок со бизнис заедницата, посетивме успешни компании што почнале како старт ап компании, значајни компании со коишто се надеваме дека ќе имаме натамошна соработка на економско ниво. Со Израел немаме отворени прашања, пријателски земји сме. Се надеваме дека низ организациите како што е НАТО, целиме да бидеме членка на НАТО, дека ќе продолжиме да соработуваме“, изјави Заев.
Премиерот Нетанјаху изрази поддршка за евро-атлантските аспирации на Република Македонија.
Договорено е да се продлабочи економската соработка преку воспоставување програма за технолошко усовршување и поддршка за иновации.
Премиерот Заев во Израел е на средба и со лидерот на опозицијата, пратеник во Ксенсетот, Јицхак Херцог, со што ја завршува работната посета на Израел.