Seyit Şamil Kurt
08 Јули 2026•Ажурирано: 09 Јули 2026
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес за време на средбата со лидерите на ЕУ на маргините на Самитот на НАТО во Анкара, повика на оживување на процесот за пристапување на Турција во Европската Унија, објави Дирекцијата за комуникации на Турција, јавува Анадолу.
Претседателот Ердоган ги пречека претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кои престојуваа во Анкара по повод Самитот на лидерите на земјите членки на НАТО, се наведува во објавата на Дирекцијата на турската социјална мрежа „НСосјал“.
На средбата лидерите разговарале за односите меѓу Турција и ЕУ, како и за регионални и глобални прашања, се додава во објавата.
Ердоган истакна дека Анкара го поздравува интензивирањето на контактите на сите нивоа и очекува оживување на процесот за членство во ЕУ, вклучително и преку активирање на релевантните механизми и одржување на неопходните состаноци.
Тој потсети дека Турција со години е земја кандидат за членство во ЕУ и дел од Царинската унија, додавајќи дека преземените чекори во текот на годините ја направиле Турција главен центар за производство во Европа.
„Интегрираната структура на турската и европската економија ја зајакнува конкурентноста на Европа на глобално ниво“, рече Ердоган, додавајќи дека Турција очекува да биде вклучена во планираните регулативи на ЕУ за трговија и инвестиции.
Ердоган, исто така, нагласи дека Турција презела иницијативи за придонес кон европската безбедност и очекува чекори што се во согласност со принципите на сојузништвото во рамките на НАТО.
Според Дирекцијата, на средбата биле разгледани и дипломатските напори на Турција за помош во ставањето крај на руско-украинската војна, војната меѓу САД и Иран, како и израелските напади во регионот, особено во Појасот Газа и Либан.
Претходно, во рамките на своите дипломатски активности за време на Самитот што се одржа во Претседателскиот комплекс, Ердоган организираше работна вечера за Кошта и Фон дер Лајен.