Abdula Berisha
11 Мај 2022•Ажурирај: 12 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба со делегација на Комисијата за одбранбени и безбедносни прашања на Собранието на Република Косово, предводена од претседателот на Комисијата, Бека Бериша, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Собранието на Северна Македонија се вели дека претседателот Џафери ги истакнал одличните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, и се додава дека тие се карактеризираат со успешна соработка на бројни полиња од заемен интерес, како и отворен и конструктивен дијалог.
„Нагласувајќи дека двете држави споделуваат исти стратешки определби и цели во однос на надворешната политика, Џафери истакна дека Република Северна Македонија принципиелно ги подржува евроатлантските аспирации на Република Косово и во континуитет искажува подготвеност за пренесување на стекнатите знаења и искуства. Тој, исто така, го повтори афирмативниот став на земјата за пристапување на Република Косово кон сите мултилатерални и регионални иницијативи и форуми. Нагласи дека Република Северна Македонија од 2007 година обезбедува логистичка поддршка на НАТО-мисијата во Косово, а од 2020 година како земја членка на Алијансата, во КФОР придонесуваме и со контингент војници на Армијата на Република Северна Македонија“, стои во соопштението.
Џафери, исто така, изрази поддршка за дијалогот Приштина - Белград врз основа на рамноправна комуникација и во насока на постигнување конечен, заемно прифатлив договор.
Претседателот на Комисијата за одбранбени и безбедносни прашања на Собранието на Република Косово, Бека Бериша, изрази благодарност за континуираната поддршка на сите полиња, а особено во доменот на евроатлантските интеграции и се заложи за продолжување на конструктивната соработка и размена на ставови.
„Нагласи дека Косово посветува особено внимание на инфраструктурното поврзување со Северна Македонија, со цел поблиско поврзување и соработка меѓу двете пријателски земји. Истовремено, беше побарана наша поддршка за членство на Република Косово во Советот на Европа и за забрзување на процесот на визна либерализација за косовските граѓани со земјите на ЕУ“, стои во соопштението.
Соговорниците разменија мислења за соработката меѓу двете земји на полето на безбедноста и одбраната, а пред сè, за обуките и образованието на кадри, и ги споделија своите искуства за заедничките вежбовни активности.
На средбата на која присуствуваше и заменикот на претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Северна Македонија, Илија Николовски, беше истакнато дека по воената агресија на Руската Федерација врз Украина, државите ги преиспитуваат своите безбедносни политики и нагласена е потребата за заеднички активности во однос на глобалните закани, додека „Северна Македонија и Косово се на вистинската страна, со осуда на агресијата и поддршка на Украина, украинскиот народ и институции“.