Abdula Berisha
10 Мај 2022•Ажурирај: 11 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, беше домаќин на сојузниот министер за европски и меѓународни работи на Австрија, Александер Шаленберг, кој престојува во еднодневна работна посета на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката прес-конференција по средбата, министрите рекоа дека во фокусот на разговорите бил евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
Министерот Османи му се заблагодари на својот колега за поддршката дадена во процесот на евроинтеграциите на земјата, нагласувајќи дека оваа поддршка е конзистентна.

„Зборувавме за неопходноста од стратешко лидерство на Европската Унија кон регионот во овие важни геополитички моменти, дека е важно ЕУ да го покаже тоа лидерство што го покажа во 2004 година кога ги интегрираше земјите од Централна Европа, и 2007 година кога ги интегрираше земјите од Источна Европа", рече Османи.
Австрискиот министер Шаленберг оцени дека односите меѓу двете земји се одлични, нагласувајќи дека Австрија е најголемиот инвеститор во Северна Македонија.
Зборувајќи за војната во Украина, тој рече дека ЕУ се наоѓа пред огромна геостратешка одлука, додавајќи дека проширувањето на ЕУ е нејзина геополитичка задача.
„Навистина ме охрабрува што гледам дека се приближуваме кон решавање на проблемот. Всушност, сите делчиња на сложувалката се присутни на маса и сега само треба уште да ги сложиме. Се надеваме дека уште пред почетокот на летниот распуст веќе ќе дојде до тој почеток (на преговорите)“, рече Шаленберг.
Покрај средбата со министерот Османи, Шаленберг ќе оствари средби и со други високи државни и политички претставници од земјава.