Abdula Berisha
30 Септември 2019•Ажурирај: 01 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со потпретседателот на Европскиот парламент (ЕП) од Република Грција, Димитриос Пападимулис, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштува Собранието на Северна Македонија, Џафери изрази задоволство од повторната средба со Пападимулис и му го честиташе реизборот на оваа функција и во овој парламентарен состав.
Џафери констатираше дека ЕП демонстрира конкретна поддршка на евроинтегративните процеси на Северна Македонија, што претставува сигнал за остварување на сите вредности за членство во Европската Унија.
„Претседателот Џафери го информираше соговорникот за евроатлантските процеси, процесот на заокружување на ратификацијата на Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО и очекувањето на добивање датум за отпочнување на преговори за членство во ЕУ. Отпочнувањето на преговорите го оцени како акт на валоризација од страна на ЕУ за нашите преземени реформи и затворањето на отворените прашања со соседите, што само по себе нема да значи и членство во ЕУ, туку отпочнување на нова фаза во евроинтегративниот процес чие завршување ќе зависи од нас самите и од динамиката на преземените реформи", се вели во соопштението.
Во однос на соработката со Република Грција, Џафери истакна дека очекува предложената парламентарна соработка по ратификацијата на Преспанскиот договор да продолжи и со актуелниот состав на грчкиот Парламент.
Потпретседателот Пападимулис искажа огромно задоволство од повторната средба, искажувајќи ја својата лична поддршка на европските интеграции на Република Северна Македонија. Според него, Преспанскиот договор е камен-темелник кој дава добра основа за градење на европската ориентација на земјата чекор по чекор.
Истовремено, Пападимулис укажа на поддршката на политичките партиите во ЕП, на Европската комисија и на Европскиот совет на овој договор како „прозорец за целиот регион и неговата интеграција во ЕУ".
„Тој посочи дека отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ ќе испрати важна порака до граѓаните дека ги охрабрува да продолжат со реформите. Во овој момент, особено е значајно секоја земја да биде поединечно вреднувана за чекорите кои ги презема и да биде соодветно наградена, како и да се испрати порака дека и покрај излегувањето на одредени земји од Унијата, сепак таа останува отворена за прием на нови земји членки", се вели во соопштението на Собранието на Северна Македонија.