Zülfiya Yakup
16 Мај 2016•Ажурирај: 17 Мај 2016
ПРИШТИНА (АА) - Потпретседателката на Европскиот парламент, Улрике Луначек, во Приштина изрази задоволство што на првата седница на Парламентарната комисија за стабилизација и асоцијација ЕУ- Косово, денес и утре, ќе учествуваат и претставници на власта и претставници на опозицијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Луначек на конференцијата за новинарите оцени дека тоа е добар почеток и изрази надеж дека во иднина сите косовски пратеници ќе учествуваат во донесувањето на парламентарните одлуки.
Луначек, која во Косово престојува заедно со делегација на ЕП, истакна дека по добивањето на зелено светло за либерализација на визите од страна на Европската комисија сега е потребно Собранието на Косово да го ратификува Договорот за демаркација на границата со Црна Гора и треба да обезбеди систем за регистрација на судките предмети на корупција и организиран криминал.
Потоа, додаде таа, следи процес на усвојување на препораките во европските институции. Австриската европратеничка изрази оптимизам што се однесува до Европскиот парламент, но кажа дека во Советот на ЕУ ќе биде потребно понатамошно убедување.
"Земјите-членки на Европската унија, 28 од нив, или поточно нивните министри за внатрешни работи, треба да дадат согласност и тоа бара големо лобирање од наша страна, во Парламентот, но исто така и од страна на вашата Влада и Собрание и граѓанското општество, да се убедат земјите-членки кои сè уште имаат проблеми со Косово, на пример, со луѓето кои бараат или барале азил", рече Луначек, додавајќи дека ќе бидат потребни неколку месеци за да може да се усвои визната либерализација.
Според неа потребна е и поддршка за имплементација на Бриселскиот договор помеѓу Косово и Србија, бидејќи и двете страни треба уште многу да направат.
"Косово треба да го направи Статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство во согласност со препораките на Уставниот суд, а треба да се спроведе и договорот за телекомуникации со цел Косово да добие меѓународен телефонски префикс, како и за енергетиката и други прашања", наведе Луначек.