Cüneyt Karadağ
07 Април 2018•Ажурирај: 07 Април 2018
БЕРЛИН (АА) - Поранешниот каталонски претседател Карлес Пуџдемон, кој според одлуката на германскиот суд е пуштен на слобода со одредени мерки на забрана, и порача на шпанската влада дека е време за дијалог, јавува Anadolu Agency (AA).
„Независноста не е единствено решение за нас, подготвени сме да сослушаме“, изјави Пуџдемон денеска во Берлин.
„Сакаме безусловен дијалог. Меѓутоа, оние кои ќе седнат на преговарачката маса, треба да го преиспитаат својот став. Рековме дека ние секогаш сме подготвени. Подготвени сме да сослушаме. Независноста е наш предлог, но ние можеме да го ревидираме нашиот став по ова прашање“, рече поранешниот каталонски претседател Карлес Пуџдемон.
Високиот суд во Шлезвиг-Холштајн потврди дека поранешниот каталонски лидер е пуштен на слобода со кауција од 75.000 евра, и дека ја навел адресата на која ќе престојува.
Пуџдемон на 25. март е приведен во Германија додека се враќал во Белгија, каде престојува откако ја напушти Шпанија. Судот во Германија утврди дека обвинението за побуна сепак не е прифатлива причина за екстрадикција на Пуџдемон во Шпанија.
Во одлуката на судот се наведува дека е потребно плаќање на кауција од 75.000 евра за да судската одлука биде спроведена за овој случај.
Германското обвинителство на 3. април побара предавање на поранешниот каталонски лидер Карлес Пуџдемон на Шпанија.
Обвинителството во Шлезвиг поднесе барање до регионалниот суд Пуџдемон да го стави во предекстрадикциски притвор, по „интензивната проверка“ на европскиот налог за приведување кој го издаде Шпанија.
Шпанското правосудство го обвинува за побуна по која Парламентот на Каталонија прогласи независност, заснована врз референдумот од 1. октомври, иако шпанската влада референдумот го прогласи за неуставен.
Освен за побуна, Мадрид поранешниот 55-годишен каталонски лидер го обвинува и за злоупотреба на јавните средства.