Admir Fazlagic
04 Април 2018•Ажурирај: 04 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, во рамките на својата прва работна посета на Франција, оствари средба со министерот за Европа и надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Македонија, на средбата министрите изразиле задоволство од взаемните заложби за внесување нова динамика во политичкиот дијалог, кој е во функција на збогатување на севкупната билатералната соработка меѓу Република Македонија и Франција.
Во разговорот, министерот Димитров го истакнал значењето што Република Македонија им го придава на односите со Франција, како на билатерален план, така и во контекст на европската и евроатлантската иднина на Република Македонија. Се наведува дека тој му потврдил на својот француски колега дека Република Македонија настојува, преку своето проевропско надворешнополитичко делување, да ѝ биде сериозен и кредибилен партнер на меѓународната заедница.
Исто така, министерот Димитров го запознал својот француски колега и со преземените реформски активности на Владата во светло на европските и евроатлантските интеграции.
Од МНР информираат дека Димитров се сретнал и со Филип Етиен, дипломатски советник на францускиот претседател Емануел Макрон, каде аргументираше зошто Република Македонија е можноста за заеднички успех на Балканот годинава.
Посетата на Министерот започна со обраќање во Институтот за меѓународни односи - ИФРИ, каде што на темата „Постигнувањата на Владата на Република Македонија во насока на остварување на заложбите за интеграција во европските и евро-атлантските структури“ беа разменети мислења со француски експерти од областа на европските прашања, Балканот и меѓународната политика.
За време на посетата, министерот Димитров ќе оствари средби и во Националното Собрание на Франција и Сенатот, информираат од Министерството за надворешни работи на Македонија.