Admir Fazlagikj,Malik Hasa
11 Јануари 2017•Ажурирај: 12 Јануари 2017
СКОПЈЕ/ТИРАНА (AA) - Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски реагираше на изјавата на министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, кој зборувајќи за ТВ-канал од Тирана, за заедничката платформа на албанските политички партии во Македонија, македонскиот народ го нарече со терминот „славомакедонци“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во реакцијата на Попоски се вели: „Не е добро политичари од регионот да влечат чекори за потребите на претстојните избори“.
„Целта е да создадат слика дека раководат со сите политички партии со етнички предзнак во регионот. Разбирливо е дека тоа се прави и за внатрешна употреба, и за сопствениот рејтинг дома. Но, сепак, овие практики се надвор од нормалната меѓусоседска соработка. Најдобро е пред секој обид за демонстрирање на глобално лидерство, секој добро да погледне во сопствениот двор. Така, политичарите и во тие земји ќе се фокусираат на подобрувањето на домашните слабости“.
Попоски во реакцијата вели дека проблемите со правниот систем, борбата со криминалот и корупцијата, основните човекови права и слободи се дел од оние што се идентификувани од Европската комисија во Албанија, но и на други места.
„Објективно, сите ние имаме повеќе од доволно домашни проблеми за да се занимаваме со туѓите. Секако, претходниве точки треба да се приоритет пред еден политичар да се впушти и во идејни толкувања на Уставот на соседна земја. Не верувам дека ова е приоритет за даночните обврзници во неговата земја, особено при толку нерешени прашања дома“, напиша Попоски.
Во реакцијата на Попоски се вели дека тоа како некој именува некого веројатно е одраз и на почит и воспитување.
„Ние сме Македонци и ништо повеќе, ниту ништо помалку. Ниту еден демократ не би имал потреба групно или племенски да етикетира. Денес, во Европа е потребен речник и култура за 2017 година, а не за 1913 година“, беше реакцијата на Никола Попоски.
Министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, во едно интервју за ТВ-канал од Тирана, пред неколку дена изјави дека „еднаквоста, слободата и демократијата како трите основни елементи на Рамковниот договор не се соодветно спроведени."
Во својот говор тој рече дека Албанија не се меша во внатрешните работи на Македонија и дека нема никаков интерес за коалициите.
Во својата изјава, министерот Бушати рече: „Еднаквоста, слободата и демократија, како трите основни елементи на Охридскиот договор, не се имплементираат ссодветно, или на начинот што е предвиден со Охридскиот договор, што остава горчлив впечаток што се однесува на двете заедници, кои се всушност се државотворни, Славомакедонците и Албанците, кои комуницираат малку едни со други. Верувам дека ова е златен момент за албанскиот политички фактор, да се обединат и да ги унапредат овие прашања“.