Abdula Berisha
24 Јуни 2019•Ажурирај: 25 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, го оцени како смешен аргументот за немање доволно време за донесување одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија за зачленување во Европската Унија (ЕУ), истакнувајќи дека земјата е кандидат за членство во ЕУ веќе 14 години, што според него, е доволно време, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Сијарто престојува на работна посета во Република Северна Македонија, каде што беше пречекан од вицепремиерот за европски прашања на Владата на Северна Македонија, Бујар Османи. Двајцата владини претставници одржаа заедничка пресконференција, по што следеше состанокот на делегациите.
Вицепремиерот Османи се заблагодари на Унгарија за поддршката во евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, како и за помошта во текот на бегалската криза, додавајќи дека на состанокот повеќе ќе се задржат на темите кои се надоврзуваат на интеграцискиот процес.
„Ќе ја дискутираме содржината на извештајот на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија, кој иако беше најдобриот извештај досега, на јасен и недвосмислен начин рече дека Република Северна Македонија заслужува да ги започне преговорите за членство сега“, рече Османи.
Министерот за надворешни работи на Унгарија ја истакна потребата за приклучување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ. Сијарто рече дека Унгарија се граничи со овој регион, додавајќи дека „добро ја знае разликата меѓу стабилната и нестабилната ситуација“. Според него, овој регион може да има одржлива и долгорочна стабилност само со зачленување во ЕУ.
Коментирајќи го фактот што Северна Македонија сè уште не доби датум за почеток на преговорите за членство со ЕУ, Сијарто рече „ова беше една неправедна игра за купување на време“. Тој истакна дека Франција бараше одложување на извештајот за напредокот, додека германскиот Парламент немал решителност да донесе одлука.
„Можам да ви кажам дека ова беше многу неправедно кон вашата земја. Секој го знаеше распоредот, и можам да ви речам дека имаше доволно време за подготовки. Така што, сите услови беа исполнети минатата недела да се донесе одлука за почеток на пристапните преговори со вашата земја. За мене, аргументот за недостиг на време е смешен“, рече Сијарто, додавајќи дека Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ веќе 14 години, што според него, е доволно време.
Двете владини претставници беа прашани околу поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија. Тие рекоа дека ова е прашање кое треба да го решат судските власти, коиекако што истакнаа, не влијае на билатералните односи, уште помалку од аспект на надворешната политика.
Поранешниот премиер Груевски е осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“, во врска со луксузниот автомобил, марка „мерцедес“, во вредност од околу 570.000 евра. На него му се суди и за други случаи поврзани со корупција, злоупотреба на финансиски средства, и други кривични дела.
Самиот Груевски на социјалните мрежи објави дека Унгарија позитивно одговорила на неговото барање за азил, откако претходно избега од земјата со образложение дека се соочува со политички прогон од актуелната власт.