Husameddin Gina
08 Јануари 2019•Ажурирај: 09 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - На почетокот на оваа, 2019 година, најавувам уште една историска година за Македонија, меѓутоа, сега за жнеење на политичките резултати кои ги очекуваме, особено во двата најважни процеса, а тоа се евроатланските интеграции, истакна денес заменик-претседателот на Владата на Република Македонија, Бујар Османи, пред седницата на Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ), јавува Anadolu Agency (AA).
Владата од денес прогласи вонредна состојба во администрацијата за да се спроведуваат реформите, за формално Македонија да добие датум за започнување на преговорите за влез во Европската Унија.
„Го свикавме Работниот комитет за европски интеграции, со цел да ги мобилизираме уште од првиот ден сите можни ресурси во администрацијата, надвор од администрацијата, во пресрет на едни од најважните месеци за евроинтеграцискиот процес на Република Македонија“, нагласи Османи.
Бујар Османи, истакнувајќи дека 2018 година била историска за Македонија во смисла на политичко инвестирање, најави уште една историска година, но овој пат за жнеење на политичките резултати.
„На почетокот на оваа, 2019 година, најавувам уште една историска година за Република Македонија, меѓутоа, сега за жнеење на политичките резултати кои ги очекуваме, особено во двата најважни процеса, а тоа се евроатланските интеграции“, порача Османи.
Според него, следните три месеци се клучни за Македонија. Затоа ги повикал политичките партии да ја сфатат важноста на моментот дека ова се неповторливи месеци за државата, за да се остават настрана политичките разлики и процесот, како што рече тој, да се подигне над партиските интереси, бидејќи шансата е неповторлива.