Ivana Ramadanova
21 Март 2018•Ажурирај: 22 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Специјалното јавно обвинителство (СЈО), на денешната прес-конференција отвори три нови истраги против 25 физички и 4 правни лица, за, како што се соопшти, злоупотреба на службена должност, измама и перење пари, пренесува Anadolu Agency (AA).
Првата истрага се води под името „Попис“, против поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кои се осомничени дека во октомври 2011 година, искористувајќи ги своите овластувања како претседатели на политички партии, се договориле да го стопираат Пописот на населението и да ги сокријат неповолните факти за демографската структура на населението.
„Осомничените, во средината на октомври се договориле да го стопираат процесот, бидејќи сметале дека Пописот ќе им нанесе штета на партиските рејтинзи, но за да избегнат одговорност, одлучиле образложението за прекинување на Пописот преку медиумите да го презентираат како последица од техничка природа и наводна некадарност на Пописната комисија да ја спроведе постапката. Парите предвидени за Пописот, осомничените одлучиле да ги фрлат во вода со што го оштетиле Буџетот за над 175 милиони денари“, рече специјалната обвинителка Фатиме Фетаи.
Втората истрага под името „Моќник“, се однесува на пратеникот Антонио Милошоски, неговиот татко, ексградоначалникот на Македонски Брод, и на уште десетина лица за измама и злоупотреба на службената положба и овластување, а во врска со купување државен имот.
Според информациите на Специјалното јавно обвинителство, Милошоски го навел градоначалникот да го изманипулира Советот на општина Македонски Брод, кој во 2011 година донел Одлука за продажба на објект на задружен дом преку јавна набавка. За ова дело се товарат вкупно 13 лица.
Третиот случај се однесува за изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, за кој тендерот го доби грчката фирма „Актор“, каде што СЈО ги осомничи поранешниот претседател на Владата, Никола Груевски, и поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески, за злоупотреби при доделување на тендерот за изградба на автопатот.
СЈО информира дека при оваа зделка, „Актор“ се здобил со добивка од повеќе од 7 милиони евра, при што се испрани 31 милион 856.811 евра во период од 2012 до 2016 година.
Предмет на истрага ќе бидат 10 физички лица и 4 правни лица.
Од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска информираа дека воспоставиле надлежност врз случајот „Монструм“.
Обвинителката Катица Јанева се надева дека до април, за кога е закажано рочиштето, ќе се подготват да го презентираат пред Судот. За овој случај од СЈО велат дека е важно да се изгласаат промени во Законот за заштитени сведоци.
Сепак, Јанева смета дека и без тоа ќе може да го застапуваат случајот со петкратното убиство кај Смилковското Езеро.