Furkan Abdula
18 Ноември 2022•Ажурирај: 19 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, учествуваше на 43-тата сесија на Министерската конференција на франкофонијата, која се одржува во Џерба, Тунис, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија објави соопштение во врска со обраќањето на Османи на конференцијата.
Османи упати благодарност до генералниот секретар и властите на франкофонските земји за нивната работа посветена на подготовката на Министерската конференција и на Лидерскиот самит во Џерба, за подготовката на Стратешката рамка на франкофонијата 2023 - 2030, Декларацијата на Џерба и Декларацијата на францускиот јазик.
Според него, оваа средба на највисоко ниво на франкофонското семејство се одржува во време кога светот се соочува со невидени предизвици и геополитичка криза кои ги нарушуваат и загрозуваат мирот и меѓународниот поредок заснован на правото.
„Неоснованата и неоправдана агресија на Руската Федерација против Украина ги предизвика најлошите кошмари за кои мислевме дека припаѓаат само во историските книги. Оваа војна на агресија претставува флагрантно кршење на основните принципи на Повелбата на Обединетите нации и МОФ, и ја загрозува глобалната безбедносна архитектура, предизвикувајќи и сериозна енергетска криза, како и недостиг на храна низ светот. Република Северна Македонија силно ја поддржува Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет“, нагласи Османи.
Тој рече дека Северна Македонија ја споделува загриженоста на земјите членки на Меѓународната организација на франкофонијата (МОФ) во врска со влошувањето на човековата безбедност и човековите права во франкофонското семејство.
„Северна Македонија најостро го осудува нарушувањето на демократијата во сите нејзини облици, акти на тероризам, акти на преземање на власта со сила и сите форми на насилство, кршењето на човековите права, активности кои ги кршат основните принципи на Повелбата на МОФ и Повелбата на Обединетите нации“, рече тој.
Османи истакна дека во оваа смисла Владата на Северна Македонија ја потврдува нејзината посветеност на почитувањето на принципите на Повелбата на Обединетите нации, Повелбата на МОФ и Декларацијата од Бамако кои се однесуваат на човековите права, владеењето на правото и територијалниот интегритет и суверенитетот на земјите.
„Северна Македонија останува посветена на универзалните вредности на МОФ и нејзината мисија за промовирање на мирот, демократијата и човековите права, преку афирмација на францускиот јазик и културната различност, кои денес се потребни повеќе од кога било“, додаде Османи во своето обраќање на 43-тата сесија на Министерската конференција на франкофонијата во Тунис.