Mehmet Yılmaz
06 Октомври 2017•Ажурирај: 07 Октомври 2017
БУДИМПЕШТА (АА) - Унгарскиот премиер Виктор Орбан смета дека планот за распоредување на мигрантите во Европската Унија е подготвен од страна на еврејскиот бизнисмен Џорџ Сорос, кој по потекло е од Унгарија, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Орбан во програмата на националното унгарско радио „Kossuth Radio“ (Радио Косут) имаше неделно обраќање, при што зборуваше на теми поврзани со бегалската криза и за прашањата што се на дневен ред во Унгарија.
Орбан рече дека планот за распоредување на мигрантите во ЕУ е подготвен од страна на Џорџ Сорос, и додаде дека Унгарците кои пред извесно време ѝ даваа поддршка на националната кампања, која ја започна владата, можно е сега да бидат против тој план.
Орбан тврди дека Брисел е под влијание на Сорос. „Џорџ Сорос ги купи луѓето и организациите. И Брисел е под негово влијание. Сакаат да ги урнат жичените огради и милиони бегалци да влезат во Европа, за подоцна, истите тие бегалци задолжително да бидат распределени. Сакаат да ги казнат оние што тоа не сакаат да го прифатат“, додаде тој.
- Унгарската Влада и кризата со Сорос
Унгарската Влада, која е позната по својот став против бегалците, обвинува дека преку невладините организации финансирани од Сорос, годишно во Европа се сместуваат околу 1 милион бегалци.
Премиерот Орбан претходно даде изјава во која вели: „Сорос, тајно, преку своите институции дава материјална поддршка за нелегалните миграции. Според бегалската политика на Сорос, Во ЕУ треба секоја година да се префрлаат по 1 милион бегалци. Комисијата на ЕУ, Џорџ Сорос и невладините организации вршат удар на унгарската регулатива за бегалци, и сакаат да се урне жичената ограда на унгарската граница, да се извршат правни измени и да се дозволи влез на илегалните мигранти во земјата“.