Zülfiya Yakup
16 Август 2016•Ажурирај: 16 Август 2016
ПРИШТИНА (АА) - Во близина на главниот мост на реката Ибар, што го дели градот Митровица на јужен албански и северен српски дел, синоќа пред полноќ беше фрлена експлозивна направа, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на оперативата на косовската полиција за северниот регион, Жељко Бојиќ, за АА потврди дека е фрлена бомба М-75 и дека во овој инцидент нема повредени, ниту пак е забележана материјална штета.
„Минатата ноќ во 23 часот и 45 минути во улицата Крал Петар во близина на главниот мост на реката Ибар, беше фрлена експлозивна направа. Истражниот тим излезе на местото на настанот, како и специјализираните единици на ЕУЛЕКС. По увидот утврдено е дека станува збор за рачна бомба М-75”, рече Бојиќ.
Тој посочи дека во врска со инцидентот известен е надлежниот обвинител, кој овој случај го оквалификува како кривично дело предизвикување општа опасност.
Во неделата официјално започнаа активностите за ревитализација на главниот мост на реката Ибар во Митровица, со цел да се пушти за сообраќај и за возила до крајот на годината. Ревитализацијата е резултат на договорот во Брисел меѓу Косово и Србија.