Husamedin Gina
01 Ноември 2019•Ажурирај: 03 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Република Северна Македонија, Радмила Шекеринска, денеска во Касарната „Ѓорче Петров“ во Скопје, изврши увид во опремата наменета за Четата за заштита од атомско, биолошко и хемиско оружје која е донација од Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
По извршениот увид, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, даде изјава за медиумите.
Осврнувајќи се на донацијата, министерката Шекеринска рече дека станува збор за важна опрема којашто е дел од потребите за национална одбрана, но и дел од потребите како критериум за членството во НАТО.
„Денеска дојдов тука, во Ѓорче Петров, да ја видам новата опрема за атомска, биолошка и хемиска одбрана, позната како АБХО, која што навистина предвидува и носи зајакнување на нашите капацитети, особено во дел на ваквите специфични закани по безбедноста на државата“, нагласи Шекеринска.
Шекеринска, потсетувајќи дека „до кревањето на знамето на Северна Македонија пред седиштето на НАТО нѐ делат уште три ратификации", рече дека се очекува Франција и Холандија тоа да го направат во текот на овој месец, и дека во Шпанија се очекува да се одржат избори и потоа ќе се знае кога Парламентот ќе биде подготвен да ја заврши ратификациската процедура.
„Како членка на Алијансата, но и како држава која мора да гарантира безбедност на своите граѓани, треба да бидеме подготвени да одговориме на секакви закани, вклучително и во доменот на таканаречената колективна одбрана на НАТО“, нагласи Шекеринска, додавајќи дека опремата се состои од заштитни маски, заштитни одела, заштита на нозете, заштитни чизми, боци за воздух за заштитните маски, мегафони за заштитните маски и компресори за воздух.
Денешната донација е првиот дел од опремата. Целосната донација, односно целосната опрема ќе биде на располагање во текот на 2020 година. Вкупната сума на опремата ќе изнесува 7 милиони евра.