Admir Fazlagic
01 Септември 2016•Ажурирај: 02 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Минисерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмаер го поздравува договорот на македонските политички партии за одржување на вонредните парламентарни избори на 11 декември оваа година, соопшти Амбасадата на Германија во Скопје, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Го поздравувам тоа што сега, по долги напори, многу преговори и разговори, македонските партии постигнаа договор за спроведување на предвремени нови
избори. Консензусот е во согласност со Договорот од Пржино од јуни 2015 година. Сега е клучно, договорот за понатамошното постапување до изборите да се спроведе веродостојно и брзо. Мора да се избегне понатамошно заостанување на земјата на патот кој води до приближување на ЕУ", се вели во писмената изјава на Штајнмаер во која се изразува поддршката на работата на Специјалното јавно обвинителство.
„Притоа останува важно, Специјалното јавно обвинителство да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата. Им благодарам на еврокомесарот Хан и неговиот тим како и на мојот специјален пратеник, господинот амбасадор Јоханес Хајндл, кои со своето посредништво значително придонесоа за успехот на партиските разговори“, пишува во изјавата на германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер.
Лидерите на четрите најголеми партии во Македонија вчера се договорија предвремените парламентарни избори да се одржат на 11 декември, а Владата што ќе ги организира овие избори да биде избрана на 2 септември, 100 дена пред изборите.
Договорот го потпишаа лидерите на најголемите политички партии, Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев од СДСМ, Али Ахмети од ДУИ и Мендух Тачи од ДПА.