Ivana Ramadanova
09 Август 2016•Ажурирај: 10 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - По невремето и поплавите кои во саботата го зафатија Скопје и околните места, оштетени се околу 5 илјади семејства од 12 населени места, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бесир Јашари, стручните екипи се веќе на терен и вршат проценка на штетите. Сѐ уште не може да се каже колкави ќе бидат тие. Извесно е само дека нема да влијаат врз земјоделското производство, а луѓето навреме ќе бидат обештетени.
Тој истакна дека последиците од поројниот дожд не се причинети од одводните канали зашто тие, како што напомена, редовно се чистат, не само од Министерството за земјоделство, туку и од Министерството за животна средина и просторно планирање. Секое Министерство делува според утврдениот план и динамика во рамките на своите ингеренции.
„Причината за штетите не треба да се бара во мрежата на канали. Каналот на потегот од Гази Баба кон Арачиново е исчистен и се чисти во континуитет. Очигледно, врнежите биле огромни, што наведува на заклучокот дека нешто се случува и за тоа треба да се подготвуваме. Вчера излеговме на терен и почнавме со отстранување на мртвиот добиток за да не се дозволи избувнувањето на какви било зарази. Работат вкупно 11 екипи, седум од Министерството за земјоделство и уште четири од Агенцијата за храна и ветеринарство", нагласи Јашари.