Furkan Abdula
07 Април 2022•Ажурирај: 08 Април 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, го прими на средба министерот за правда на Албанија, Улси Мања, кој престојува во посета на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Собранието на Северна Македонија, на денешната средба со Мања, Џафери ги потенцирал досегашните одлични билатерални односи меѓу двете земји, со констатација дека ги врзува заемно и искрено пријателство и соработка, кои, според него, имаат тенденција во наредниот период уште повеќе да се зајакнуваат во рамките на ЕУ-интеграциите.
„Воедно, претседателот Џафери истакна дека очекува до месец јуни оваа година да има и некоја позитивна разврска на заедничките аспирации на двете земји за започнување преговори со Европската Унија. Обострано констатираа дека двете земји ја следат заедничката и усогласена политика на НАТО и ЕУ и ја осудуваат руската воена агресија врз Украина со заеднички апел за смирување на ситуацијата и прекин на воените дејствија, а сѐ со цел да се дојде до мирно решавање по дипломатски пат и да се избегнат големи материјални штети и несакани жртви“, се вели во соопштението.
Министерот за правда на Албанија, Улси Мања, од своја страна, изразил задоволство и благодарност за средбата со Џафери, и искажал висока почит за неговата улога во градењето на релаксирана политичка клима, како во Собранието, така и во државата.
Мања изразил уверување дека пријателските односи меѓу двете соседни земји ќе продолжат да се развиваат и во наредните години.
„Министерот Мања го информира претседателот за поводот на неговиот престој во земјава, а тоа е заедничкиот настан на министрите од земјите на Западен Балкан, односно конференција со фокус на борбата против корупцијата, при што изрази надеж дека и на овој план, земјите од регионот ќе покажат добри резултати“, се нагласува во соопштението.
Исто така, се вели дека и албанскиот министер се приклучил на констатацијата на Џафери дека до месец јуни навистина ќе има некој позитивен исход во контекст на аспирациите за членство во ЕУ и дека ќе се надминат блокадите, што ќе биде исклучително значајно за двете земји.
На крајот и двајцата соговорници се согласија дека интензивната политичка соработка ќе продолжи и во наредниот период, со проширување на секое поле од заемен интерес.