Selen Temizer
28 Јануари 2016•Ажурирај: 29 Јануари 2016
АНКАРА (АА) – Во Женева во петок, на 29 јануари, почнуваат нови мировни преговори, на кои ќе се најдат претставници на режимот на Башар ал-Асад, делегација на сириската опозиција, како и меѓународните посредници во обид да се изнајде конечно решение за запирање на војната во Сирија која трае од 2011 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Преговорите во Швајцарија почнуваат во петок, и не е познато кога ќе бидат завршени ниту е во потполност јасно кој се ќе учсетвува во нив. Познато е сепак, дека на преговорите ќе учествуваат и претставниците на 17 членки на Меѓународната група за поддршка на Сирија, Обединетите нации (UN), Европската унија (EU) и Арапската лига за да придонесат кон постигнување на договор помеѓу двете спротиставени страни.
Меѓународната група за поддршка ја сочинуваат Соединетите Американски Држави (САД), Турција, Саудиска Арабија, Катар, Русија, Велика Британија, Франција, Германија, Кина, Египет, Иран, Ирак, Италија, Јордан, Либан, Оман и Обединетите Арапски Емирати (UAE).
Планирано е претставниците на сирискиот режим и опозицијата во текот на преговорите да бидат во посреден контакт без водење на директни преговори за иста маса. Се очекува и специјалниот пратеник на Обединетите нации Стефан де Мистура кој ги испрати поканите за учество на преговорите, да одржи одвоени состаноци со претставниците и групите.
Дневниот ред на мировните преговори го сочинува спроведувањето на мапата на патот која е договорена порано со резолуција на Советот на безбедност на Обединетите нации. Според таа мапа на патот, под управа на Сиријците во текот на првите шест месеци, односно до јуни, 2016 година, страните во земјата би требале да ги завршат преговорите и да формираат преодна влада, како и во меѓувреме да постигнат потполно примирје на теренот.
Исто така, во периодот од 12 месеци би бил подготвен нов Устав и одржани слободни избори . Меѓутоа, претставниците на меѓународната заедница имаат различни ставови во врска со сириското прашање и можно решение.
Турција, Саудиска Арабија и Катар бараат на мировните преговори да учествува вистинската опозиција и да се покрене иницијатива со која Асад би бил остранет од чело на Сирија. САД во среднорочна перспекива сакаат исто така Асад да биде тргнат од власт, додека Русија и Иран се со став сегашниот режим и понатаму да продолжи да ја води земјата.
Русија сака на преговорите да учествува и курдската вооружена група ПЈД (PYD), огранок на Работничката партија на Курдистан (ПКК), додека челниците на Турција остро се противат на тоа. Шефот на француската дипломатија Лорент Фабиус тврди дека специјалниот пратеник на Обединетите нации Стефан де Миструра му рекол дека на курдската вооружена група ПЈД не и пратил покана за мировните преговори во Женева. Фабиус истакна дека Обединетите нации испратија покани на учесниците за предстојните мировни преговори за Сирија, нагласувајќи дека не е пратена покана на групата ПЈД. Додаде дека опозициската делегација ќе ја предводат претставниците на сириската опозиција чие седиште е во Ријад, но дека е можно да се појават и претставници на некои други групи.
Германија, Франција, Велика Британија, Италија и Јордан ги поддржуваат ставовите на САД и Турција во врска со сириското прашање. Кина не се истакнуваше премногу во врска со Сирија, освен што сметаат дека проблемот треба да се реши со волјата на сирискиот народ.
Претходните преговори одржани се во мај 2015 година. За време на војната која започна во март 2011 година животот го загубија повеќе од 250 илјади Сиријци, а повеќе од четири милиони беа приморани да ги напуштат своите домови и да избегаат во соседните земји и во Европа.
Прв чекор кон завршување на војната направен е на 30 јуни 2012 година, но женевскиот документ кој беше резултат на тогашните преовори никогаш не е имплементиран. По тие преговори доаѓа до две нови рунди на мировни преговори кои пропаднаа поради несогласувањата за политичката судбина на Асад.