Fatih Erel
03 Февруари 2016•Ажурирај: 05 Февруари 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации денес ги суспендираа сириските мировни преговори во Женева, јавува Anadolu Agency (AA).
Специјалниот пратеник на ОН за Сирија Стефан Де Мистура изјави дека сириските мировни преговори се одложени и дека е планирано наредните преговори да почнат на 25 февруари.
Истакна дека е потребно пред новите преговори да се преземат потребните чекори во врска со хуманитарната криза, нагласувајќи дека преговорите треба да бидат одржани во интерес на сирискиот народ.
"Поради тоа ќе ги запреме преговорите и наредните ќе започнат на 25 февруари.Дали сме тука да водиме женевски преговори без резултат или да бидеме сериозни додека разговараме за иднината на Сирија, политичкиот процес, новиот устав, изборите? Сирискиот народ очекува некое решение од овие преоговори. Да бидам чесен, сеуште тоа не го видов и потребно е да се направи пауза за да повторно можеме да започнеме со преговорите", рече Де Мистура.
Делегацијата на сириската опозиција вчера ја откажа планираната средба со Де Мистура и ја повика меѓународната заедница да изврши додатен притисок на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад и Русија да запрат со нападите и да создадат сигурен амбиент за преговарачкиот процес.
Процесот на преговорите кој од петок се води во Женева во формат на одвоени средби на сириските делегации со посредништво на ОН на чие чело е Де Мистура вчера веќе беа во своевиден застој, а сириските опозиционери, тврдат дека причината за застој на преговорите е тоа што сеуште не добиле одговор на поставените барања да се деблокираат сите градови под окупација на сириската војска, да се испорача хуманитарната помош на цивилите и да се ослободат затворениците од затворите.
Главната цел на преговорите во Женева е имплементацијата на мапата на патот за политичко решение на сириската криза, која е усвоена на 14 ноември во Виена, а содржана и во резолуцијата на Советот на безбедност, која е усвоена на 18 декември минатата година. Тоа решение предвидува преговорите да се завршат и да се воспостави транзициона влада во период од шест месеци, а да се паралелно со тоа, воспостави примирје на фронтовите. Во наредната фаза од 12 месеци се предвидува подготовка на новиот устав и одржување на транспарентни избори во Сирија.
Војната во Сирија започна во март 2011 година и до сега во неа живот загубија околу 250 илјади луѓе, а 4,5 милиони луѓе се раселени.
Прв обид за мировни преговори е одржан на 30 јуни 2012 година во Женева, но тогаш усвоената Женевска декларација не е имплементирана. Втора рунда на мировните преговори во Женева е одржана на 22 јануари 2014 година, но ни тогаш не е остварена целта, а тоа е воспоставување на мирот во Сирија.