Asiye Latife Yılmaz
06 Март 2026•Ажурирај: 06 Март 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва вчера го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп поради тоа што често ја истакнува големината на американската војска, оценувајќи дека глобалните ресурси наместо тоа треба да се насочат кон борба против гладот и сиромаштијата, јавува Анадолу.
„Дали мислите дека е нормално претседателот Трамп секој ден да зборува: ‘Јас го имам најголемиот брод во светот. Јас ја имам најголемата армија во светот’?“, изјави Лула. „Зошто не каже: ‘Јас имам најголем капацитет на производство во светот’? Зар тоа не би било многу поедноставно? И зар не би звучело подобро за нашите уши?“
Лула истакна дека средствата што моментно се трошат за проширување на воените арсенали во конфликтните зони би можеле да се искористат за справување со гладот во светот.
Според бразилскиот претседател, со тие средства би можело да се обезбедат околу 4.285 долари за секој од речиси 630 милиони луѓе во светот што страдаат од глад.
„Гледате ли дека во светот не би имало глад ако владите покажат здрав разум?“, рече тој. „Оние што треба да се грижат за гладот, се грижат за војна“, додаде претседателот.
Лула нагласи дека глобалните воени трошоци би можеле да го искоренат гладот, да обезбедат чиста вода за секое село и да овозможат сите деца да посетуваат училиште, но наместо тоа средствата се користат за развој на сè поразорни оружја.
Тој, исто така, го критикуваше Советот за безбедност на Обединетите нации, обвинувајќи го дека им дава приоритет на зголемувањето на воените трошоци и вооружените конфликти наместо на глобалната благосостојба.
„Ако тие господа што го координираат Советот за безбедност беа загрижени за гладот, наместо да разговараат, како што сега се дискутира во Европа, за зајакнување на вооружувањето на земјите и инвестирање во одбраната, гладот би можел да се реши на глобално ниво“, рече тој.