Ekipa
30 Септември 2018•Ажурирај: 01 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Иранската пратеничка од редот на реформистите, Фатима Хусејни, упати критики до Владата на иранскиот претседател Хасан Рохани, дека не ги исполнува ветувањата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на новинската агенција на иранскиот Парламент (ICANA), пратеничката од Техеран, Хусејни, во своето обраќање пред пратениците во иранскиот Парламент, истакна дека Владата на Рохани не ги исполнува ветувањата за правата за државјанство и отстранувањето на политичките ограничувања.
„Владата на Рохани не ги исполни ветувањата околу правата за државјанство и за отстранувањето на политичките ограничувања“, рече таа.
Хусејни нагласи дека намалувањето на довербата на јавноста во земјата ја вдлабочува економската криза, и дека тоа што Владата не ги решава економските прашања со експерти, го зголемува овој проблем.
Реформистите во Иран на двата претседателски избори го поддржаа Рохани со барања за ставање крај на домашниот притвор на опозицискиот лидер Мир Хосеин Мусави, зголемување на слободите, развивање на односите со Западот и отстранување на политичките забрани.
Дел од нив велат дека и покрај сѐ, треба да продолжи оваа поддршка, додека дел од нив упатуваат критики до Хасан Рохани дека е неуспешен во неговите активности.