Fatma Esma Arslan
25 Јули 2016•Ажурирај: 26 Јули 2016
ПАРИЗ (АА) - Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер предупреди дека враќањето на смртната казна во Турција би го запрело процесот на интеграција на земјата во Европската Унија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во интервју за француската телевизија „Франс2“, шефот на Европската комисија, Јункер даде коментар за ситуацијата во Турција по неуспешниот воен удар на 15 јули од страна на членовите на терористичката организација ФЕТО/ПДЈ (Паралелна државна структура), чиј лидер е Фетулах Ѓулен.
Јункер изјави дека поради внатрешната ситуација во Турција не верува дека Турција во блиска иднина или на долг рок ќе може да стане членка на Европската Унија.
Коментирајќи ја расправата во Турција во врска со можното враќање во сила на смртната казна, Јункер рече дека во Европската Унија нема место за земјите каде што смртната казна е во сила.
„Доколку Турција, утре наутро ја врати во сила смртната казна, ние во истиот момент ќе се откажеме од преговорите за пристап во ЕУ“, рече Јункер.
Јункер за телевизијата „Франс2“ го коментираше и процесот на излегување на Велика Британија од Европската Унија и рече дека не постојат временски рамки во кои ќе се преговара за британското повлекување.
Шефот на Европската комисија рече дека Велика Британија сигурно нема да има право на пристап до внатрешниот пазар на Европската Унија, доколку таа не дозволи слободно движење на работници од сите земји-членки во ЕУ.